„По свадба тапани“ е потврдување на одлуките за прогласување вонредна состојба по нејзиното завршување, смета поранешната министерка за правда Рената Дескоска. Според Дескоска, одлучување на Собранието за потврдување на одлуките на претседателот за прогласување вонредна состојба имаат логика само додека трае вонредната состојба. Сега, после завршувањето на вонредната состојба, ова одлучување е беспредметно.
„Уставот предвидува дека ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане. Целта на оваа одредба е Собранието да одлучи за траењето на вонредната состојба прогласена од претседателот – дали таа треба да продолжи или да биде прекината. Одлучување на Собранието за потврдување на одлуките на претседателот за прогласување вонредна состојба имаат логика само додека трае вонредната состојба. Сега, по завршувањето на вонредната состојба, ова одлучување е беспредметно“, напиша Дескоска на нејзиниот Фејсбук профил.
Одлучувањето во Собранието, според неа, сега нема да има никаков правен ефект токму поради тоа што тие одлуки за вонредна состојба престанале. Исто така, нагласува Дескоска, непотврдувањето на одлуките во законодавниот дом нема да значат и некаква постапка за одговорност на претседателот Пендаровски.
„Несомнено е дека претседателот на Републиката бил обврзан да ги прати на потврда на Собранието своите одлуки, но Собранието не треба да почнува беспредметни постапки. Оние што седат во Собранието треба да се свесни дека покрај текстуалното толкување на Уставот, постојат и други методи, како целно толкување, оригинализам, прудентно и сл. Притоа, не смеат да бидат ’скарани‘ со логиката. Зашто, на крајот од краиштата, логиката треба да биде нужна компонента на секое правно толкување, вклучувајќи го и толкувањето на Уставот“, смета Дескоска.
Министерката вели дека целата ситуација околу вонредната состојба покажала дека уставните одредби се многу скромни, често недоречени и непрецизни и тоа, според ексминистерката, ја наметнува потребата од итно носење закон за воена и вонредна состојба, кој ќе ги реши отворените прашања. Исто така, додава таа, неопходна е измена и на Законот за Владата, кој внесе дополнителна конфузија околу уредбите со законска сила.
Денеска на дневен ред во Собранието беа ставени на потврдување одлуките за прогласување на вонредна состојба донесени од претседателот, Стево Пендаровски за време на корона кризата кога во земјава немаше функционално Собрание, а Владата беше техничка. Опозицијата најави дека нема да ги поддржи одлуките за прогласување на вонредна состојба.