Рената Дескоска, посетувајќи семејства во општина Центар, и самата, лично се увери дека постои основен сомнеж дека во избирачкиот список има запишано фиктивни гласачи, соопштува СДСМ.
Од соседните станови беа изненадени дека во напуштен стан на улицата „Аминта III“ се пријавени 31 гласач , меѓу нив и лица со имиња Елвида, Ферди, Пупе, Јоноф, Печој, Темелко, Рамадани Расим. Во станот кој е комплетно руиниран, и нема ни елементарни услови за живот, со години никој не се појавил.
Дескоска беше и во зградата на улица „Киро Крстевски Платник“. Жената која ја отвори вратата во стан 1 зачудено слушаше дека кај неа во станот има пријавено 32 гласачи, меѓу нив и Вурмо, Павло, Ѓерѓи, Китан, Сотири , сите од Пустец. Негираше дека некое од овие лица живее во нејзиниот стан.
„Проблемот е функционален. Тоа ја покажува отсуството на волјата на власта да имаме фер избори. Затоа враќање на правната држава ќе биде еден од приоритетите на новата Влада на СДСМ“, рече Дескоска, соопштува СДСМ.