Пораки за заемно почитување, за општество на сите граѓани и европска иднина, испрати претседателот на Собранието, Талат Џафери, во неговото обраќање по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката.
-Тоа што денес сме тука, а не сме во Крушево, или пак во Пелинце, или пак малку полево пред споменикот на Методија Андонов Ченто, не прави воопшто разлика во однос на важноста на овој празник, во однос на неговата долговечност или пак во однос на тоа каде сѐ се наоѓа духот на заедништвото, храброста, визионерството односно, тоа што претставува концепт кој што ги опишува заедничките вредности кои ги славиме и ги празнуваме. Празникот не е врзан со одредено место во Македонија, тој живее, се раѓа повторно и повторно, со секој нов ден, со секоја нова генерација на млади кои секојдневно се справуваат со нови предизвици, секој ден ги бијат своите лични и колективни битки за подобро утре, за поквалитетен живот, професионален развој и надградба и сигурна и безбедна иднина. Нашата држава е спој на различности, уникатен мозаик во кој секој уникатен дел растел и се развивал врз своите корени кои биле и се потврда на долговечноста и истрајноста на народите кои што живееле и биле дел од ова поднебје. Ако го погледнеме Крушевски Манифест, ако ги погледнеме и документите на АСНОМ од 1944 година, ќе согледаме дека се јасно дефинирани општите и посебни човекови права и слободи, во кои јасно се дефинира мултиетничкиот, мултикултурниот и мултиконфесионалниот карактер на нашата држава, и ќе се увериме дека историјата, настаните низ неа, сами го детерминирале патот по кој треба да се чекори ако се следи разумот кој ја наметнал потребата од сплотување кон единствената, природна и остварлива крајна цел, а тоа е заеднички дом за сите со јасна визија, мудрост и разум, за сите кои ја надминале тесната и себична рамка, го отвориле умот и силно ги прегрнале благодатите кои ги нуди взаемната почит и соработка, прифаќајќи го изразувањето на особеностите и карактеристиките на секоја етничка заедница, на културата, јазикот, идентитетските обележја како природно право кое е нова додадена вредност на нашата земја, меѓутоа, имајќи ја предвид и структурата во соседството и регионот, додадена вредност и во регионот и пошироко, рече Џафери.
Според Џафери, членството во НАТО докажува дека државата се движи по правиот пат. Тој потсети дека биле донесени тешки државнички одлуки за да се деблокира евроатлантската интеграција, а го спомена и спорот со Бугарија и Резолуцијата за црвените линии донесена неодамна во парламентот.
-Секако дека низ годините на растот и развојот на земјата не беше лесно да се опстане, да се сочува мирот и зајакне безбедноста и сигурноста на границите и нашите граѓани, не беше лесно да се одржи ниту економската стабилност. Македонија, колку и да е мала по територија, има значајна гео-стратешка важност и не била надвор од глобалните случувања и консеквентно тие случувања се прелевале и имале влијание врз развојниот пат на државата. Меѓутоа, желбата за заедничка, слободна, независна држава, држава во која почитувањето на човековите права и слободи ќе биде подеднакво за сите граѓани без разлика на етничката, верската или која било друга припадност доминираше и нашата земја ја посочуваат како светол пример и успешна приказна во регионот. Се разбира, тоа што станавме 30-та земја членка на моќниот воено-политички сојуз на НАТО оди во прилог на констатацијата дека се движиме по правиот пат. Донесовме тешки, државнички одлуки кои го деблокираа нашиот пат кон Евроатланската интеграција и на тој пат политички созреавме и ние како политичари и нашите граѓани меѓутоа, претходно се посветивме на воспоставувањето и градењето на добрососедските односи, иако, се чини дека работите повторно се усложнија, за жал. Спорот со Република Бугарија, го отежнува нашето чекорење кон европското семејство, иако бевме и се уште сме отворени за искрен дијалог, поучени од нашето долгогодишно искуство со друга соседна земја дека, единствено отворениот дијалог е вистинскиот начин за постигнување на взаемно прифатливи решенија. И, дозволете да се надоврзам на неодамна донесената Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадата на европските интеграции, која се донесе во Собранието на 29 јули 2021 година со едногласно позитивно гласање на пратениците од различните провениенции. Па зарем не е тоа најдобра потврда за тоа дека имаме взаемна почит, водиме заедничка битка за одржувањето во живот на сонот на сите знајни и незнајни јунаци кои низ годините го положија најскапоценото? Заедно, да! Затоа што има една константа, а тоа е дека, ниту доброто, ниту лошото не бира по име, не бира по нација, не бира по вера, по пол, по социјален или економски статус, ниту пак бира по политичка припадност, едноставно, се случува и во еден миг, сите подеднакво сме исправени пред новиот момент. А такви моменти постоеле, за тоа сведочи пишаната историја, живите сведоштва, испеаните песни и раскажаните усни преданија. Такви моменти на предизвици постојат и сега и верувам дека ви се познати и Вам во ова необично време на глобална пандемија која го зафати целиот свет и ги фрли на колена и најсилните економии и најподготвените здравствени системи. Уште еднаш се потврди големата вистина дека само заедно, само сплотено и здружено можеме да победиме, можеме да го поразиме конкретно во случајов, КОВИД – 19. На тој пат, претрпевме многу неповратни загуби, човечки пред се, меѓутоа и материјални загуби но се надевам дека извлековме и поука која е повеќе од позната во народот, но се чини дека само со лично искуство можеме да се увериме, а тоа е скапоценоста на нашето здравје, здравјето на нашите граѓани, заклучи претседателот на Собранието, Талат Џафери.