Дел од џихадистите од Балканот, кои во Сирија и Ирак војуваа на страната на Исламската држава, решија да го напуштат Блискиот исток и да се вратат во своите куќи, разочарани од бруталноста, бедата и угнетувањето од страна на терористичката организација, пишува БИРН.
Разочарувањето во ИД го наведе Алберт Бериша од Косово по враќањето од Сирија да основа невладина организација која им помага на бившите борци повторно да се вклучат во општеството и да се оттргнат од радикалната идеологија која ги одвела на боиштата.
Бериша вели дека причината поради која заминал во Сирија е тоа што бил разочаран од состојбата на Косово и сакал да им помогне на своите муслимански браќа во борбата против диктаторот.
„Државата никогаш не сфати дека нашата цел не беше да бидеме терористи“, изјави Бериша за БИРН, алудирајќи на околу 300 Косовари за кои се верува дека во последните години учествувале во војните на Блискиот исток.
Како што вели Бериша, секој има своја приказна и цел, но „една работа им е важна на оние кои се вратиле, а тоа е дека се разочарани од она што го виделе во Сирија и Ирак“.
Бериша, завршил политички науки на Универзитетот во Приштина и мастер студии на Универзитетот во Тирани, а во Сирија бил од 6 до 20 октомври 2013 година, за да и помогне на сириската опозиција во борбата против силите на претседателот Башар ал Асад, но тврди дека никогаш не војувал.
По доаѓањето во Сирија, Бериша барал да се придружи на групите во кои се зборувал албанскиот јазик за да избегнел јазични бариери, а потоа го одвеле кај Лавдрим Муџахери, командант во Исламската држава кој командуваше со албанските борци.
„Се колнам во Бога дека никогаш пред тоа не сум чул за него, ниту некогаш претходно сум го сретнал“, рече Бериша на судење во Приштина.
Бериша за да побегне од Исламската држава преку Фејзбук побарал помош од пријател од Косово. Кога се вратл дома судот во Косово го осуди на три и пол години за тероризам. Неговиот случај во моментов е на апелација, а Бериша одлуката ја чека на слобода.
Неговата невладина организација, ИНСТИД, се бори против верскиот екстремизам на Косово и има за цел дерадикализација на луѓето кои се враќаат од блискоисточните боишта.
„Бидејќи знам дека повеќето од нив се жртви, мислев дека нивното натамошно виктиматизирање не е решение и дека тоа уште повеќе би ги радикализирало“, објаснува Бериша, кој сака тие луѓе повторно да станат корисни во општеството и да останат на слобода, бидејќи во спротивно би постоела можност за поголема радикализација и дури радикализација на други лица во затворите.
Повратник од Сирија е и Фисник од Македонија. Вели дека се приклучил на Исламската држава исклучиво заради пари. Веќе имал искуство во војните во бивша Југославија, вооружени грабежи на Запад и донел одлука да замине на боиште во Сирија.
„Борците нека им зборуваат на други за Бог. Јас знам дека мене Бог никогаш нема да ми рече да убијам друго човечко битие поради него“, изјави Фисник за БИРН.
Фисник живеел во Србија, Македонија, Црна Гора, Турција и Германија, што му помогнало да стапи во контакт со оние кои праќаат луѓе на блискоисточните боишта, а вели дека со „нашите луѓе по џамиите во Европа лесно се поврзуваат и знаат кој каков е за што може да послужи“.
Летото 2014 година Фисник и се придружил на Ал Нусри со пријатели од Балканот и Кавказ кои живееле во Германија и Австрија и тврди дека му биле ветени 2000 долари месечно, плус тоа што ќе му биде дозволено да го земе од теренот по борбата.
Нагласува дека бруталноста што ја видел во Сирија е поекстремна од се што видел во текот на војните на Балканот.
„Гледав после битките како на заробениците на Асад им ги сечат главите. Беше грозно на почетокот, бидејќи тоа не го гледав ни во Југославија. После се навикнуваш и на тоа“, вели Фисник.
По два месеца во Ал Нусра, локален командант на Фисник му рекол дека неговата единица ќе и се придружи на Исламската држава. По скоро три месеци војување под знамето на ИД, неговите надредени од него барале да убива цивили, на што тој не бил подготвен.
Сепак, за да можел да ја напушти ИСИС и да се врати дома, морал да убие петмина шпиони, меѓу кои биле и две жени, бидејќи како што вели, алтернативата била неговата глава да заврши на плоштад наместо нивните.
Иако многу повратници тврдат дека во Сирија не заминале за да војуваат, во нивните родни земји тие се третираат како терористи, па многумина завршија на суд. БИРН во својата сторија не открива каде во моментов се наоѓа македонскиот државјанина Фисник. Дали е во татковината или по враќањето од Сирија живее во друга земја.
Доколку се врати во Македонија, Фисник ќе биде суден во македонските судови за тероризам и учество во странска воена формација.
Нема официјална бројка колку борци од Македонија се приклучиле на терористичките организации во Сирија и Ирак, иако се шпекулира дека на боиштата одовде заминале околу 300 луѓе.
За учество во војната во Сирија во Кривичниот суд имаше судски процес познат како „Ќелија“, во кој на затворски казни беа осудени 13 лица, а меѓу нив и еден оџа.



