Можен е протест на дијабетичарите и нивните семејства, доколку до петок не се реши проблемот со инсулинската криза во државата. НОВА дознава дека во четврток средба со министерот Тодоров ќе има Националната алијанса за ретки болести, во чиј состав е и Здружението за детски дијабетес „Баланс“.
Иако состанокот е закажан за да му се презентираат колкави се трошоците за одредени ретки болести, каде што спаѓа и дијабетес од тип 1, на месечно и годишно ниво, од ова Здружение ќе побараат објаснување од министерот за алармантната состојба со недостигот на одредени видови инсулини. Информацијата за НОВА ја потврди Цвете Серафимовски, претседател на Здружението „Баланс“.
„Да, точно е дека ќе имаме состанок во четврток кој е свикан за друга тема. Јас се надевам дека министерот Тодоров е лошо информиран бидејќи ние немаме забелешка на квалитетот на инсулинот од другите компании. Сакаме да му објасниме дека ако еден вид на инсулин на некој пациент му одговара, кај друг организмот може да му го отфрли и да не му делува, со што се доведува во опасност здравјето, изјави за НОВА Серафимовски.
Неофицијално, до сега 5000 луѓе се пријавиле да излезат на протест. Се организираат по социјалните мрежи, со меѓусебни контакти, во телефонски разговори. Станува збор за дијабетичари кои с е најпогодени од инсулинската криза, меѓу нив има Албанци, Македонци, луѓе кои припаѓаат и на владеачката партија и на опозицијата, а велат дека на протестот ќе им се придружат и нивните семејства.
Во моментот недостасуваат следните инсулини: Левемир и за него се нуди замената Лантус, нема Новорапид за кој се дава замената Хумалог, недостусува НовоМикс 30 кој се заменува со Хумалог 25.
Пациентите велат дека се принудени да го сменат лекот кој го примаат со години, со друг кој во моментот го има на залиха. Дијабетичарите предупредуваат на опасност од резистентност бидејќи организмот им е навикнат на инсулинот кој го примаат со години и не сакаат да бидат принудени да го сменат инсулинот кој добро го поднесуваат.
„Се надевам дека проблемот со инсулинот ќе се реши бидејќи никој од нас нема залиха дома за да може да го чека новиот тендерот по два месеца, изјави пациентка од Клиниката за ендокринологија.
Лекарите во страв не ја коментираат ситуацијата со досега, најголемата криза со инсулин во државата.
Според проценките на здруженијата, за 3000 луѓе со дијабетес од тип 1, од кои најмалку 1000 се деца,што ги користат инсулините што недостасуваат , месечно се трошат 12 милиони денари, или 4000 денари по пациент месечно. На годишно ниво за оваа најзагрозена категорија пациенти се трошат 144 милиони денари.