Според резултатите што ги објави Државната изборна комисија на својата веб страница, од целосно обработени гласови, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов води со добиени 449.068 гласови или 51,67%, втор е кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски со 326.133 гласови (37,52%), Илијаз Халими од ДПА има 38.966 (4,48%), а Зоран Поповски од ГРОМ 31.366 гласови (3,61%).
Излезноста на првиот круг од претседателските избори е 48,84 отсто или вкупно гласале 869.137, а право на глас имаа 1.779.572 лица запишани во Единствениот избирачки список.
Вкупен број на важечки гласачки ливчиња 845.533, вкупен број на неважечки гласачки ливчиња 23.674, информира ДИК.
Според овие резултати од претседателските избори Поповски и Халими ја завршија трката. Иванов и Пендаровски битката ќе ја продолжат во вториот круг, во ист ден со одржувањето на парламентарните избори.
За победа во првиот круг, кандидатот мора да освои над 50% од гласовите од 1,7 милиони регистрирани гласачи, а не од оние кои излегле на гласање.
Истовремено, изборите ги одбележа и малиот одѕив на албанските гласачи поради барањето на ДУИ за нивното бојкотирање откако не беше прифатено нивното барање за консензуалност при изборот на идниот шеф на државата. Во повеќето општини со мнозинско албанско население одѕивот беше само по неколку проценти, а убедливо најслаб беше во Зајас – помалку од еден процент.
Вториот круг претседателски избори треба да се одржи на 27. април, за кога се закажани и вонредните парламентарни избори, кои ќе бидат спроведени според пропорционалниот модел во шест изборни единици во државата и три изборни единици во дијаспората според мнозинскиот модел.