Без посебна изјава, претставниците на меѓународната заедница, кратко пред новинарите, по средбата со премиерот, рекоа дека вечерва на владата и укажале колку е неопходно што побрзо да се постигне прогрес за излез од кризата.
– Бевме тука да го изразиме нашиот став до Владата, и нашите гледишта, немаме посебна изјава вечерва, само ја изразивме пораката за ургентноста да се најде решение. Ќе ве информираме во иднина, во зависност од средбата на лидерите, рече амбасадорот на Италија, Ернесто Белели.
Амбасадорите рекоа дека нивна понатамошна изјава ќе има во зависност од средбата на политичките лидери вечерва во Клубот на пратеници.
Покрај амбасадорот Ернесто Белели, присутни на средбата со Груевски, вечерва беа евроамбасадорот Аиво Орав како и замениците на амбасадорите на САД, Германија, Франција и Велика Британија.
Средбата, која траеше речиси 45 минути, се одвиваше на барање на дипломатскиот кор. Груевски пак, кој вечерва имаше обраќање на свечената академија по повод празникот 23 Октомври повторно задоцни на закажаната средба и во Владата пристигна после амбасадорите.