Директорот на Зоолошката градина во Скопје, Ѓорѓи Галетановски – Чомбе си поднесе оставка од работното место.
– Во изминатите три и пол години успеавме рекордно да ја зголемиме посетеноста, да ги изработиме сите проекти кои ги ветивме, донесовме многу нови животни за првпат во нашата држава, а децата добија омилено место за секојдневни прошетки.
Зоолошка градина Скопје стана најпосетена институција во државата, го отворивме и најзелениот Дино Парк со најмногу диносауруси на Балканот со преку 400 дрва и садници.
Успеавме да средиме делови од градината кои со години не биле санирани, ги исчистивме езерата после 13 години, ја отворивме Бејби Зоо и направивме живеалишта за фламинга и пингвини по светски стандарди. Организиравме многу хуманитарни акции, помагавме секаде каде што можевме и тоа беше нашата најголема сатисфакција за успех.
Зоо Скопје стана прва дигитализирана зоолошка на Балканот, со своја апликација и онлајн продажба на билети, пишува Галетановски.
Тој им се заблагодари на медиумите, спонзорите, донаторите, Здруженијата за животни, а најмногу на вработените во Зоо Скопје.
-Се надевам дека Зоолошката ќе продоложи да се развива и да се прават нови проекти со кои ќе се продолжи успехот на оваа институција. Јас денес се враќам на улица, достапен во секое време да придонесам за подобра иднина на државата и младите, соопшти Галетановски.
Ѓорѓи Галетановски – Чомбе како директор на на Зоолошката градина во Скопје, дојде на местото на Јорданчо Милошевски.