Семејството на познатиот архитект Борис Чипан на годишнината од неговата смрт, ќе ја донира неговата стручна оставина на Музејот на град Скопје.
Големиот македонски архитект Борис Чипан ќе добие своја збирка во Музејот на град Скопје која ќе биде составен дел на одделението за современа архитектура, урбанизам и дизајн, а која ќе содржи негови проекти и лични предмети во донација на семејството.
Стручната оставнина кое семејството на Чипан постхумно ја донира на музејот ги опфаќа неговите проекти за конзервација на црквата „Св. Софија“ во Охрид, „Св. Пантелејмон“ во Нерези, проектот за МАНУ и многу други, цртежи, белешки, ракописи, стручна и лична библиотека, лични предмети и фотографии кои ќе се сместат во „Збирка на архитектот Борис Чипан“.
Чипан (1918 – 2012) е еден од највлијателните архитекти во втората половина на 20 век во Македонија кој има оставено неизбришлива трага во културната историја. Творец е на објектот каде е сместена МАНУ, судските згради во Штип, Велес и Битола, како и поголем број на индивидуални семејни куќи во Охрид. Се истакнал како професор, теоретичар, конзерватор и хроничар на архитектурата. Деновиве се навршува една година од неговата смрт.