Лидерот на опозициската ДПА, Мендух Тачи, не сака средба со претседателот на најголемата македонска опозициска партија Зоран Заев. Првиот социјалдемократ ќе почека на средба со колегата од албанскиот политички блок, зашто, како што дознава „Дневник“, Тачи ја одбил поканата за состанок.
Според шефот на пратеничката група на ДПА, Имер Алиу, средба меѓу Тачи и Заев ќе нема оти не гледаат суштинска причина зошто би се одржала.
Заев потврдил за Дневник дека Тачи писмено го известил дека ќе нема средба. Сепак, тој нагласи дека не се откажува од намерата да седне на иста маса со лидерот на ДПА и оти поканата ќе ја реафирмира по одморите.
– Претседателот Мендух Тачи ја одби поканата за средба со Заев. Не гледаме суштинска причина за една таква средба. СДСМ стана дел од сценариото на ВМРО-ДПМНЕ фиктивно да ја претстави ДУИ како фактор за решавање на спорот за името. Во суштина тоа не е така. Ова всушност покажува до каде е процесот на решавање на прашањето. ДПА останува на позициите дека Владата треба да ја преземе одговорноста и да го реши проблемот со името -ни изјави Имер Алиу.