Друштвото на писатели на Македонија со загриженост го следи процесот на лустрација на македонските писатели, и бара да се запре овој атак кој е насочен против најсветлите страници на македонската национална литература и култура.
„Значајни имиња на Македонската писателска асоцијација веќе се ставени на столбот на срамот, и тоа добива димензии на свесно и тенденциозно рушење на вредностите создавани со децении и афирмирани како неодминлива вредност во земјата и во светот“, се вели во денешното соопштение до јавноста од ДПМ.
Според нив, апсурдот е дотолку поголем што оваа хајка против македонските писатели, покажува знаци на обид за девалвирање на вредностите врз антимакедонска основа и разнебитување на духовните и естетските дострели според кои Македонија е препознатлива ширум светот.
Друштвото на писатели на Македонија се обраќа до највисоките државни инстанци да постапат според нормите на правната држава и да го прекинат овој незаконски и антиуставен чин.
>>Божин Павловски: Запрете ја лустрацијата
>>Лустраторите остануваат на ставот – Славко Јаневски бил „кодош“
Во спротивно ДПМ овој процес ќе го толкува како тенденција без преседан во нашата историја на апсурдното газење и рушење на темелните вредности во македонската национална култура.