По повод 58-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, цвеќе пред Споменикот на жртвите од скопскиот земјотрес на Градските гробишта Бутел денеска положија делегации на државниот врв – од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски и владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев, во која беа првиот вицепремиер Артан Груби и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Во чест на загинатите, венец положи и делегација на Град Скопје, предводена од градоначалникот Петре Шилегов, како и делегација на Советот на Град Скопје во која беа советниците Бранко Георгиевски, Ирена Попова и Бојан Ивановиќ. Почит на жртвите во земјотресот во Скопје оддадоа и делегации на политичките партии, општините во Скопје, претставници од Црвениот крст на град Скопје, од јавните претпријатија и културните установи на главниот град, од државни институции, здруженија, странски делегации во нашава земја и граѓани.
Педесет и осумгодини по катастрофалниот скопски земјотрес, се сеќаваме на над 1000 наши сограѓани кои го изгубија животот, но и на солидарноста што ја покажа светот кон нас, објави денеска на својот фејсбук-профил претседателот Стево Пендаровски.
– Да продолжиме да го развиваме Скопје со ентузијазмот со кој беше обновуван од рушевините, посочува претседателот Пендаровски во објавата.