Двајца македонски државјани се меѓу седумте загинати во верижниот судар што се случи денеска на автопатот Белград – Ниш, на потегот меѓу градовите Ќуприја и Јагодина, објави српски „Блиц“.
Покрај македонските државјани, според пишувањето на „Блиц“ загинале и пет пет српски државјани.
Од македонското Министерство за надворешни работи за МИА изјавија дека од македонската амбасада во Белград засега немаат никаква официјална потврда од српското МВР за загинати македонски државјани.
Во сообраќајната несреќа, според информациите со кои располага српското Министерство за внатрешни работи, повредени се 35 лица кои се пренесени во болниците во Јагодина и Ќуприја.
Поради оваа страотна сообраќајна несреќа сообраќајот во двата правци е запрен, а причина за несреќата е густата магла.
Локалните медиуми пренесуваат дека во судирот учествувале повеќе од 40 возила. Карактеристично е тоа што двата судара се случиле речиси на идентично место, но на различни правци на автопатот.
РТС пренесе дека луѓето се заглавени во своите возила и пожарникарите спасувачи се обидуваат да ги извлечат. Очевидци тврдат дека во еден од судирите се запалил камион.
На местото на несреќата се испратени повеќе пожарникарски коли и возила на брза помош.