Лидерите на Европската унија денеска и утре за прв пат ќе заседаваат по референдумот на кој Британија се изјасни за излегување од Унијата.
Вчера германскиот канцелар Ангела Меркел, францускиот претседател Франсоа Оланд и италијанскиот премиер Матео Ренци во заедничка изјава истакнаа дека Европа е обединета. Тие наведуваат дека нема да има неофицијални преговори со Британија за идните однсои со Унијата се додека не биде покренат членот 50 од Лисабонскиот договор со што и официјално почнува процедурата за излегување.
„Ние ќе им презентираме на нашите колеги предлог за нов елан на европскиот проект во различни области во текот на наредните месеци”, изјавија Ангела Меркел, Франсоа Оланд и Матео Ренци по нивната средба во Берлин.
Канцеларката подвлече дека областите на кои ќе се работи се одбраната, економскиот пораст, вработувањето и компетитивноста”.
Трите приоритети на Берлин, Париз и Лондон се внатрешната и надворешна безбедност, борбата против тероризмот, развојот на европската одбрана, контрола на надворешните граници на Европа, силна економија и силна социјална кохезија како и амбициозни програми за младите.
Меркел подвлече исто така дека се согласила со своите колеги дека не треба да има никакви преговори со Лондон се додека не биде активиран членот 50 од Европската повелба со што Велика Британија ќе стави на знаење дека тргнува процесот на нејзино излегување од ЕУ.
Но, британскиот премиер Дејвид Камерун одлучи таа задача да му ја остави на својот наследник кој треба да влезе на функција во откомври. Камерун ќе биде во Брисел за да се сретне со неговите колеги од Унијата.