Нели ви е преку глава од дволичноста и двојните стандарди на „големите“ партии. Законот треба да важи еднакво за сите. Како што важи за претседателот на државата, за јавниот обвинител, за амбасадорите, така да важи и за сите избрани и именувани лица. Без исклучок. Од денес! И тоа да важи за сегашните, без одлагање, рече Моника Зајкова од ЛДП
Владејачкото мнозинство на денешната пленарна седница ја протурка потребата од измени на два важни закони и тоа по скратена постапка – измени на Законот за Влада со кои се укинува техничката влада по редовните избори во 2028 година или пo предвремени парламентарни избори, како и измени на Законот за пратеници, според кои пратениците ќе мора да поседуваат само македонско државјанство. Праксата на носење закони на брза лента следи откако претседателот на Собранието Африм Гаши, само пред два дена се пофали со предлогот за сите закони да има јавна расправа.
Опозициската СДСМ ќе го поддржи предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, пратениците да имаат само македонско државјанство, но ќе поднесе амандман законот да важи и за актуелниот пратенички состав. Група пратеници од владејачката партија ги предложи измените на Законот за пратеници, кои ќе се носат по скратена постапка.
– Класична измама на власта. Се предлага закон пратениците да не може да имаат повеќе државјанства, и тоа е добро, но никаде не е јасно кажано дека тоа важи и за овој пратенички состав. Законот ќе го поддржиме и амандмански ќе интервенираме тие критериуми да важат и за актуелниот пратенички состав. Едновремено ќе подготвиме закон тоа да важи за сите избрани и именувани функционери – рече лидерот на СДСМ Венко Филипче.
И пратеничката и претседателка на ЛДП Моника Зајкова смета дека законот треба да важи за сите функционери.
– Нели ви е преку глава од дволичноста и двојните стандарди на „големите“ партии. Законот треба да важи еднакво за сите. Како што важи за претседателот на државата, за јавниот обвинител, за амбасадорите, така да важи и за сите избрани и именувани лица. Без исклучок. Од денес! Еве, нека немаат двојно државјанство и пратениците, и министрите, и директорите – сите. И тоа да важи за сегашните, без одлагање – вели Зајкова.
Таа ги повика пратениците и функционерите да заверат изјава пред нотар дека немаат друго државјанство освен македонското, како и дека немале двојно државјанство во моментот кога стапиле на функцијата. Доколку се увиди дека некој имал двојно државјанство, вели Зајкова, треба веднаш да си поднесе оставка.
Помина и „потребата“ да се укине техничката влада
Покрај потребата за овие измени, во Собранието по скратена постапка се гласаше и за потребата за измени на Законот за Влада со кои се укинува техничката влада. Предлогот помина со 63 гласа „за“ од владејачкото мнозинство, а 13 гласа против беа од опозициските СДСМ и Европскиот фронт.
Аргументите на опозицијата да се спротивстави на ваквите измени на законот се дека техничката влада не смее да се укине, бидејќи Владата ги партизирала институциите како во времето на Никола Груевски кога таа беше воведена со помош на меѓународните претставници. Опозицијата исто така смета дека пржинската влада не смее да се укине без консензус на четирите најголеми партии, бидејќи Законот за Влада е донесен со консензус.
Од друга страна, СДСМ ќе го поддржи законот предложен од ВМРО-ДПМНЕ, пратениците да имаат само македонско државјанство, но ако им помине амандманот, тоа треба да важи и за актуелниот собраниски состав.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски за укинувањето на техничката влада рече дека Предлог-законот да се донесе по скратена постапка излегува од рамките на моделот според кој е донесен Законот за Влада.
– Донесен е со преговори на четирите најголеми партии, со гаранција од ЕУ и од САД. Дека по изборите во 2016 година, одредбите за техничка влада престанаа да важат и дека на барање на ВМРО-ДПМНЕ и на Христијан Мицкоски, повторно се донесени во 2018 година, со одредба дека таа ќе важи до влезот на Македонија во ЕУ. Второ, Законот за Влада е дел од листата закони од реформската агенда и со тоа што сега го носите по скратена постапка, нема да ги исполниме критериумите од реформската агенда. Нема потреба од брзање. Да се вратиме на форматот на разговори и преку дијалог во Собранието да постигнеме консензус – предложи Спасовски.
Шефот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека не му е јасна паничната реакција на СДСМ, бидејќи аргументите не држат вода.
– Брзото носење на законот почна од 20 јануари, кога Минчев нè собра за да разговараме, и формално и неформално, а изминативе години се изнаслушавме дека техничката влада треба да се укине. Ние и во опозиција баравме да се укине техничката влада. Сега, по неколкумесечни разговори и замолници од Владата да разговараме за нејзино укинување, вие панично бегате. Нејасно е зошто, бидејќи законот нема да важи за следните избори, туку за тие потоа. Вие не дозволувате да почнеме со целата постапка. Има доволно време и да се разговара за амандмани. Министерството за јавна администрација се реши за одложено дејство и не гледам причина за панични реакции. Ќе разговараме и ќе видиме дали има или нема потреба – рече Мицевски.
Спасовски му реплицира дека не паничат, туку дека реагираат бидејќи така се тераат работите.
– Ниту еднаш кога сме повикани не сме отсуствувале од разговор. Во Министерството бев јас и ги кажав ставовите кога Минчев нè повика. Вие и Вреди не дојдовте – рече Спасовски.
Лидерот на СДСМ Венко Филипче од партиска говорница оцени дека неколку закони што се во Собранието, во најмала рака се скандалозни. И тој укажа дека техничката влада е меѓупартиски договор на четирите најголеми партии, донесена е со консензус и дека само со консензус може да се укине.
Што е донесено со консензус, со консензус треба и да се укине
– Укажавме дека системот се контролира и во правосудството и во сите институции со силна партизација, исто како што се правеше во времето на Никола Груевски до 2016 година, односно општеството и државата повторно не се зрели да се спроведат фер и демократски избори. Дополнително, следниот циклус парламентарни избори ќе биде прв по 2016 година што ќе го организира актуелната власт. Иако за следните избори останува техничката влада, повторно власта шверцерски предлага техничките министри да не може да си донесат свои советници, туку тие ќе бидат од постојните, од сегашните силно партизирани од власта. Техничката влада е единствен механизам за гаранција за фер и демократски избори. Овој закон ваков не смее да помине – рече Филипче.
Пратеничката од ДУИ Арбана Пашоли рече дека нема да ги поддржат измените ниту на Законот за пратеници ниту на Законот за Влада. И таа забележа дека власта законите ги носи по скратена постапка и дека со тоа ја спречува опозицијата да даде свој придонес.
– Техничката влада е постигната преку политички договор со меѓународно посредништво и треба да се укине на ист начин. Ние нема да го поддржиме законот – рече Пашоли.
Извор: Слободен печат.мк / Мариела Трајковска / Драган Митрески




