Јадете и пијте министри, никогаш не е доста, секогаш е премалку, недоволно, налевајте се, потурајте се, не бришете се, нека се цеди сета храна и пиење од вас, нека ги собираат капките кои ви течат од брадата, нека ги лижат кучињата кои ве следат, и тие нека се засладат, и тие нека видат во што може да се претвори една власт.
Една власт која покажа дека е незаситна, граблива, алчна, власт која не заслужува да биде нечија власт, наша најмалку. Само за шест месеци, само шест месеци ви беа доволно.
Погледнете ги податоците на трошоците на министрите за овие шест месеци*, илјадници, илјадници евра, повеќе десетици се, тие се трошеле и се уште се трошат, додека го пишувам овој текст, по кафеани и крчми, по мензи и ресторани, некои се во сопственост на оваа држава, некои се приватни, но сеедно.
Јадете, пијте министри, немајте мерка, зошто да плаќате вие, зарем вие не земате плата како сите ние, зошто вашиот геврек и јогурт да биде платен со пари на оние кои своето јадење го плаќаат со сопствениот денар?
Да земате од оние над 30% запишани во статистиките како сиромашни, оние кои со радост чекаат помии, а сето останато вам ви го принесуваат. Оние кои не знаат дека тие ја имаат моќта да срушат власт како вашата.
Или, чекајте, можеби и не се геврек и јогурт, можеби треба уште посилно и погласно да викнам, за вие добро да чуете. Јадете и пијте министри, пијте ги кафињата кои ви ги плаќаат сите, и водата наплатете им ја на граѓаните, појадокот, ручекот, вечерата, што е малку за вас, што ве засрамува воопшто?
Имате ли малку грижа, совест, морал, помалку испружена рака, вие, грабливци од луѓето на кои сте тука за да им служите, може ли воопшто ништо да не посакате да им земете?
Да, има, некои од министрите знаеле за малку, помалку и воопшто ништо.
Зошто некој потрошил вкупно само 350 евра, а некои од неговите колеги- министерот за економија, Крешник Бектеши има дури 14.000 евра вкупен трошок, од што 12.590 евра за ресторани? Знаат ли некои од министрите за граници, за пристојност, за морал, оној според кој се воделе некои други министри?
Зошто некои министри може да имаат нула денари за ресторани кои се надвор од владините институции, или некој од нив да потроши само 1.351 денар за ресторани во институциите?
Погледнете – некој од нив има нула денари за ресторани во странство и нула денари за мобилен телефон, на некого не може да се види колку потрошил во ресторани, толку е тенка таа линија, едвај се гледаат 605 денари во земјава и 499 денари во странство. Нула денари за телефон. Има и некои други имиња кои имаат слични, нула трошоци, или пак тоа се минимални суми. Наспроти многу други, кои мора да објаснат што се правеле и зошто никогаш не им било доста, добога.
Интересен е случајот со еден министер кој потрошил 19.482 денари за јавен превоз, додека ваков, доста помал трошок искористиле само уште тројца министри. Сепак, тој министер покажува дека јавниот превоз може и да не се гледа со презир, особено ако сте министер и разбирате дека мора да бидете пример на оние кои им служите.
Зошто некои ги штеделе парите кои знаат дека им припаѓаат со закон, но свесни се од каде доаѓаат и дека не смее да се пречекоруваат границите, затоа што знаат дека кога еднаш ќе се повикаат на тие граници, никогаш нема да си признаат дека се претерани.
Како е можно тие да имаат морален компас, длабоко морално убедување, достоинство, како може да знаат дека тој закон мора да се менува, тие службени картички со кои покажуваат дека се прашање на морал а не на потреба по секоја цена, не секогаш и само во исклучителни ситуации?
Затоа што знаат дека законите не секогаш се напишани во согласност со моралните начела, затоа што знаат дека ваквиот закон не смее да ги води по патишта од кои нема враќање. Затоа што знаат што значи да се биде власт, затоа што знаат кому му служат и кому мора да му бидат модел за тоа како треба да се однесува една власт.
Пред да се насмеете министри, да го фрлите овој текст и да не го погледнете никогaш повеќе, пред повторно да почнете да јадете и пиете на туѓа сметка, затоа што вам тоа ви е дозволено, прочитајте го добро Џон Лок што вели за власта: “Тие официјални личности непрестано се во искушение да паднат во мрзелива рутина, или, ако тука и таму го напуштат тој бавен коњски долп, да се фрлат во некоја полуиспитана недоделканост, која си ја вообразил некој водечки член на тоа владејачко тело; единственото нешто што може да попречи, единствениот поттик кој може да ја одржува способноста на тоа тело на високо ниво е само подложноста на будна критика од еднакво способните надвор од бирократијата.”
И да, не значи ништо ако оваа Влада, власта на Заев, вели дека потрошила дупло помалку од онаа на Груевски, дека сега се транспарентни со трошоците, иако, потцртувам- тие се отчетни делумно, затоа што во тие сметки можат да прикажат вистинска, а не прикриена отчетност. Затоа што нема податок колку навистина пари се потрошени за странски делегации, а тоа се тие случаи кога веројатно и може да се поверува дека постојат некакви обврски кон странски гости, иако не секогаш, се разбира.
Се додека јадат и пијат на сметка на граѓаните, се додека задишано се истоваруваат пред рестораните и го јадат последниот нечиј залак, макр бил и само на еден човек, покажуваат дека немаат никаков срам, никаква морална вертикала, никаква свест и никаква совест.
Покажуваат дека стануваат власт во која не вреди да се верува- дека залаците кои ги напикуваат во устата почнале да немаат мерка, дека ако уште еден залак стават, тие ќе експлодираат, а со тоа и нивните службени картички кои останаа уште само тие неизедени. Повелете една ножица, засечете ги и докрајчете ги. Од нешто мора да се почне кога не знаете како крајот изгледа.
* Линкот на интернет е достапен за сите граѓани- http://vlada.mk/otchetnost-troshoci. Освен министерот за економија Бектеши, имињата на останатите министри не ги наведов, за да не биде некој од нив превиден