Европската комисија (ЕК) го поддржува барањето на словенечкиот премиер Миро Церар за зајакнати контроли на грчко-македонската граница за да се сопре бранот на бегалците на нивниот пат кон ЕУ.
Според британскиот весник “Financial Times”, претседателот на ЕК Жан-Клод Јункер му испратил писмо на Церар во кое ја дава својата поддршка и во кое пишува дека Јункер ја поздравува “сугестијата дека сите земји членки на ЕУ треба да им помогнат на властите на поранешната југословенска Република Македонија за поддршка на контролата на границата со Грција преку полициска асистенција и снабдување со опрема”, пишува во писмото на Јункер до Церар.
Според “Financial Times”, ЕК ја потврдила вчера оваа информација и додала дека тукушто е завршена проценката на потребите на Македонија во оваа насока.
Планот предвидува пренасочување на контролата на бегалскиот пат кон северната граница на Грција каде што грчката влада има проблеми со менаџирањето на протокот на бегалците кои ги има и по 2.000 дневно. Според планот, треба да се испратат полициски сили на грчко-македонската граница.
Но, грчкиот министер за миграција не се согласува со овој план кој значи затворање на границата со Македонија:
“Ние немаме намера да се претвориме во гробишта на души. Не разбираме каква политика е затворањето на границата со Грција. Ние немаме време да експериментираме со работи кои можат само да ја влошат траумата”, изјавил министерот за “Financial Times”.
Тој тврди дека никој не ја прашал Атина што мисли за овој план кој според него нема да ги спречи мигрантите да продолжат кон западна Европа.
Од македонските власти досега нема реакции на овој план на ЕК.
Овој план бил дискутиран вчера на состанокот на ЕУ во Амстердам откако огромен број земји членки инсистираат Грција подобро да ја контролира својата северна граница. Истите земји членки бараат од ЕК да им дозволи продолжување на контролите во Шенген зоната во текот на наредните две години.
ЕК смета дека нешто мора итно да се направи за да се спречи продолжувањето на граничните контроли во Шенген зоната. Ова беше и предупредувањето на Доналд Туск, претседател на Советот на ЕУ, од минатата недела кога тој изјави дека на ЕУ и остануваат одвај уште два месеци да најде излез од бегалската криза а ако тоа не се случи, тоа ќе значи крај на Шенген.
Словенија и земјите кои го поддржуваат планот на Церар и Јункер како Унгарија, Австрија и Полска, сметаат дека само планот за силни контроли на грчко-македонската граница е спас за Шенген.

