Европската комисија денеска соопшти дека ја усвоила препораката земјите членки на Европската унија да отворат преговори за членство на Србија во Унијата.
Во извештајот се оценува дека Србија направила значајни чекори кон одржливо подобрување на односите со Косово во согласност со заклучоците на Европскиот совет од декември минатата година.
Министрите на дводневното заседание на советот денеска ќе го сослушаат извештајот на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон, поврзан за договорот за предлог-спогодбата меѓу Белград и Приштина, која е постигната во петокот.
Како што известува српската Б92, високиот еврокомесар за проширување на Европската Унија Штефан Филе, во петок би требало да пристигне во Белград.
Филе денеска на својот Твитер напиша дека Европската Унија дала препорака да Србија добие датум за пристапни преговори за членството во ЕУ.
Во исто време, Филе објави и дека Комисијата препорачала до Советот да започне процедурата за потпишување Договор за стабилизација и асоцијација со Косово, што е прв чекор кон обезбедување статус на земја-потенцијален кандидат за членство во ЕУ.
Околу пладне, министрите на состанокот на Советот ќе разговараат и за извештаите на Еврокомисијата за Македонија, Србија и Косово.