Македонија треба да им даде азил на бегалците кои се наоѓаат во моментов на нејзина територија затоа што тоа го налагаат меѓународните правила за кои нашата земја има дадено согласност и потпис.
Портпаролката на европскиот комесарот за миграции и внатрешни работи Димитрис Аврамопулос изјави за НОВА дека Македонија треба да почне да ги разгледува барањата за азил на бегалците кои се на нејзина територија.
Оние лица кои имаат право на меѓународна заштита треба да добијат азил во Македонија и земјата треба да се погрижи да им овозможи услови за пристоен живот. Меѓу другото да им овозможи, на пример, часови за учење на јазик и да им го отвори пазарот на труд за да не бидат долго на товар на македонскиот буџет.
Лицата кои немаат право на меѓународна заштита и кои се мигранти а не бегалци од војна, треба да бидат вратени во земјите од кои што дошле.
За сето ова Македонија може да побара финансиска помош од Европската комисија.
Според податоците на МВР «од 8 март 2016 година, откако е затворена границата со Р. Грција и Р. Србија и не се пропушта влез и излез на мигранти, од страна на српските погранични служби нема вратено мигранти на територија на Р. Македонија, а во Привремениот транзитен центар Табановце сместени се 947 мигранти на кои не им е дозволен влез во Р. Србија (бидејќи е затворена границата). Од Привремениот транзитен центар Табановце вратени се 180 мигранти во Привремениот транзитен центар Винојуг Гевгелија».
Границата беше затворена , да се потсетиме, на барање на Австрија и нејзините соседи како Словенија и Унгарија.
Како што ни потврди Министерството за внатрешни работи, Македонија «не е дел од Договорот меѓу ЕУ и Турција, и од тие причини мигрантите кои се наоѓаат на наша територија не може да бидат вратени во Турција од условите содржани во овој договор. Во повеќе наврати инициравме изнаоѓање на заедничко решение за оваа категорија на мигранти, со кој би се решил нивниот статус и истите станале дел од договорот меѓу ЕУ и Турција, но засега нема позитивен одговор», велат во МВР.
Понатаму, МВР вели дека овие луѓе имаат можност да се пријават во програмата за доброволно враќање. Оваа опција се реализира со поддршка на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) и се однесува на доброволно враќање во земјите на потекло.
Невладините организации кои им помагаат на мигрантите но МВР тврдат дека овие луѓе не сакаат да останат во Македонија и бараат начин да стасаат во западна Европа. Но, балканската рута уште долго ќе остане затворена. Тоа го потврдија пред неколку дена хрватската претседателка Грабар и нејзиниот словенечки колега Пахор при посетата на Македонија.
– Мигрантите имаат можност да побараат признавање на право на азил во Македонија. Оваа опција скоро и да не ја користат, бидејќи јасно наведуваат дека нивната намера е да побараат азил во некоја од ЕУ државите, вели МВР.
Мигрантите имаат право на меѓународна заштита а Македонија е исто така земја која може тоа да го понуди. Но за жал тие немаат право да ја бираат земјата која ќе ги заштити. На пример, за време на екс југословенските војни, бегалците од нашиот регион одеа таму каде што им беа отворени вратите.
Третата опција е враќање на мигрантите кои нема да искористат некоја од првите две можности во земјата од која влегле кај нас, во овој случај Грција.
МВР се надева дека овие луѓе ќе можат да се вратат во Грција за да можат да бидат релокализирани во ЕУ како што предвидува ЕУ- Турција договорот.
Но, за ова е потребна согласност од грчката страна, велат во МВР. Како што е познато, соработката меѓу македонските и грчките власти не е многу плодна. Освен тоа, Грција е веќе преплавена со мигранти па тешко дека ќе се согласи да ги прими назад луѓето кои се блокирани кај нас.
И ЕУ не е подготовена да разговара на оваа тема бидејќи ЕУ-Турција договорот веќе ионака тешко се реализира.