Европската комисија не бара од Србија да ги отвори досиејата на безбедносните служби но „строго го препорачува“ тоа, соопшти канцеларијата на комесарот за проширување, Штефан Филе.
„Отворањето на досиејата, односно на тајните служби за безбедност, не е услов кој Европската унија го постави пред Србија на патот кон евроинтеграцијата. Сепак, Европската комисија тоа цврсто го препорачува, со што Србија би решила некои од важните прашања од минатото“, изјави за „Данас“, Питер Стано, портпарол на Филе.
Стано истакна дека отворањето на тајните досиеја би помогнало во истражувањето за исчезнатите личности, како и за неразјаснетите убиства од 1990 година, вклучувајќи ги и убиствата на новинари.
Според Стано, ЕК е сведок дека кај претходните ситуации на пристап на нови членки во ЕУ, поголемата транспарентност и отвореност во соочувањето со минатото, како и решавањето на „отворените“ случаи, воделе кон помирно општество и надминување на постоечките поделби.
На прашањето на „Данас“, зошто истите препораки не се упатени кон Хрватска и Словенија, Стано не одговорил, пренесува медиумот.