Oбвинителот Трајче Пеливанов во својот завршен збор за случајот “Меѓународен сојуз” на денешното рочиште рече дека останува во целост на обвинителниот акт дека обвинетите ги сториле кривичните дела за кои се теретат.
– Навидум станувало збор за хуманитарно здружение, но хуманитарноста остана само запишана на хартија, а во реалноста се случи измама. Измамата била направена за задоволување на личните материјални итереси на Бојан Јовановски. Но оваа измама не можела да се оствари доколку покрај него не биле обвинетата Јасна Ерцеговиќ, Фросина Ременски и Христина Блажеска. Се што правеле, правеле заедно. Односно, како ќе измамите некој да ви плати над 740.000 евра, ако не оставите сигурен впечаток дека станува збор за сериозни луѓе, истакна Пеливанов, пишува „Фокус“.
Тој потсети дека здружението на Бојан Јовановски, имало и неколку хумани акции, но тоа било се со цел да се остави добар впечаток во јавноста, односно за да се случи почетокот на големата измама.
-Ременски била присутна речиси на секој состанок со оштетените. Тие пак сведочеа дококу таа не била присутна, немало да ги склучат договорите, бидејќи таа им влеала доверба и сигурност дека проектот ќе се реализира, бидејќи имале поддршка од власта. Многу успешно ја одиграла својата улога, а тоа е дека зад проектот стои извршната власт. Таа, била многу повеќе од само почесен претседател на невладината, истакна Пеливанов.
Јовановски е обвинет за измама и перење пари. Ременски е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ и Блажеска за помагање во измамата и перењето пари, Миле Јовановски се терети за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Како правно лице обвинета е и невладината организација.