Не ни требаат големи револуции, туку мали, упорни акти на смисла. Кога граѓаните одлучуваат да не ја прифатат удобната летаргија, туку да го постават прашањето „зошто?“, во тој момент системот веќе почнува да се ниша.
Жанета Ќосе
Во општество во кое власта е олицетворение на непотизам, корупција, клиентелизам, квази интелектуализам, популизам, демагогија и политичка инфантилизација, не е чудно што критичката маса запаѓа во длабок, хроничен конформизам. Како да се создава ентропија на јавниот разум, т.е. бавно распаѓање на смислата, вредностите и етичките координати според кои треба да функционира една демократска заедница. Во оваа ентропија, граѓанинот постепено се претвора во нем набљудувач, оддалечен од сопствената моќ. Овде директно се допира парадоксот на Албер Ками – човекот живее во апсурд, но е повикан да се бори против него. Македонското општество, пак, како да се предало и на апсурдот и на пасивноста.
Во атмосфера во која јавната сцена е преполна со бучава, а празна од смисла, младите растат во амбиент каде што вистината не се бара, туку се конструира според интерес, а критиката се доживува како дрскост наместо како обврска. Сепак, токму во оваа противречност се крие можноста младите, изложени на глобални идеи, дигитална креативност и нови форми на самодоверба, можат да развијат отпор кон наметнатите наративи. Тие се генерацијата што истовремено живее во локалниот апсурд и глобалната логика, и тоа им дава моќ да создадат нешто што претходните генерации не успеале, нов јазик на промената што не се плаши од вистината, туку ја бара како кислород.
Во ваква средина, младинскиот активизам претставува ретка искра на отпор. Постојат неколку основни начини преку кои се овозможува општествена акција, а со тоа и младинска ангажираност. Првиот е приклучувањето кон веќе постојни иницијативи, организации или неформални групи, што најчесто зависи од пристапноста на информациите и отвореноста на самите иницијативи. Ова е природен влез во активизмот, преку кој младите учат да работат тимски, да ги истражуваат сопствените лидерски потенцијали и да негуваат заедништво – најсилната сила против општествениот застој. Вториот начин е креирањето на ново здружување, група или иницијатива, што им дава чувство на контрола, но и обврска да ги откриваат идеите што функционираат. Секоја иницијатива е политички акт што создава видливост, свесност и притисок за промена, а капацитетот на таквата акција зависи од нивото на демократија и граѓанска свест во опкружувањето. Третиот пристап е создавањето соодветни услови за почнување акција – компонента што ја врзува средината со поединецот. Охрабрувачката средина може да создаде нови движења, додека лимитирачката може да создаде непокорни активисти, но во двата случаи процесот на самоорганизирање претставува форма на отпор кон статус квото. Во тој контекст, граѓанскиот парламент е моќна алатка кога се реализира според принципите на делиберативната демократија, бидејќи ја зајакнува довербата, го менува чувството на граѓаните кон политиката и го премостува јазот меѓу апатичните и активните.
Во образовниот процес, граѓанската и политичката партиципација се појавуваат како новина, иако би требало да бидат темел. Средношколците и студентите ретко се оспособени критички да ги преиспитуваат општоприфатените наративи, како оној „почитувај ја функцијата, не мора да ја почитуваш личноста.“ Но што е функцијата без личностите што ја исполнуваат ? Како може да се почитува формата ако содржината е празна ? Јавната функција мора да ја носат луѓе со капацитет, знаења и етика насочена кон општото добро, а не кон приватни или партиски интереси. Универзитетите, пак, треба да бидат бастиони на критичката мисла, преку истражувања, јавни изјави, аналитички трудови и колумни. Квалитетното истражување, етичкото постапување и аргументите базирани на докази се неопходни за здрави јавни политики. Професорите не се само пренесувачи на знаење, тие се јавни интелектуалци со обврска да ја бранат демократијата.
Во таа слика, тинк-тенк организациите имаат значајна улога бидејќи даваат независни анализи, влијаат врз јавните политики и го штитат јавниот интерес преку знаење и докази. Тие стануваат неопходни токму таму каде што официјалните механизми на одговорност потфрлаат. Новинарството, кога е поткрепено со факти и силни наративни техники, создава простор за колективна дебата и ја буди јавната свест во моменти на криза.
Интернетот, од друга страна, ја трансформира политиката, комуникацијата и активизмот. Дискусиите што некогаш се воделе во физички простори денес се одвиваат преку социјалните мрежи, кои создаваат нови хоризонтални врски меѓу граѓаните и нови вертикални канали кон политичките претставници. Но заедно со слободата на изразување доаѓаат и опасностите од концентрацијата на медиумска моќ, алгоритамската манипулација со вниманието и дигиталните меури кои ги изолираат граѓаните наместо да ги поврзуваат.
Филантропијата, исто така, игра важна улога во поддршка на иницијативи, ризични иновации, справување со кризи и зголемување на јавната свест. Таа често презема чекори што државата не сака или не може да ги преземе, и кога е транспарентна и насочена кон јавниот интерес, станува значаен сојузник на критичката мисла и демократските процеси.
А можеби најголемата парадоксална можност лежи токму во оваа распадната структура, кога институциите ја губат својата тежина, тежината се префрла врз поединецот и малите заедници. Тоа е моментот кога „малите луѓе“ стануваат неизбежни двигатели на големи промени. Во време кога лагата станува официјален говор, а вистината приватна навика, секој чин на критичко размислување станува чин на отпор. Не ни требаат големи револуции, туку мали, упорни акти на смисла. Кога граѓаните одлучуваат да не ја прифатат удобната летаргија, туку да го постават прашањето „зошто?“, во тој момент системот веќе почнува да се ниша.
На крајот, македонското општество со децении запаѓа во криза на критичката мисла. Притиснато од квази вредности, општествена апатија, медиумска манипулација и институционална ерозија, се чини дека се предало на апсурдот. Но младите, академските институции, граѓанските иницијативи и независните организации остануваат места на отпор, како мали острови на смисла во морето на ентропијата. Прашањето што останува отворено е дали македонското општество се уште има шанса да ја извлече критичката мисла од длабоката криза во која западна, или сме осудени да живееме во апсурдот без борбата што Ками ја смета за наша единствена обврска.

