Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД би можеле да го „преземат“ Ормускиот теснец доколку не се постигне договор со Иран, при што упати и остри пораки кон иранската делегација која преговара во Швајцарија.
Трамп во телефонски разговор за американски медиум изјавил дека „можеби ќе го преземеме теснецот ако биде потребно“ и дека во случај на неуспех на договорот, САД би можеле да воведат наплата за премин низ овој клучен поморски пат.
Според него, преку Ормускиот теснец секојдневно поминува огромна количина нафта, па тој нагласил дека тоа е стратешка точка од глобално значење.
Трамп испрати и директни закани кон иранските преговарачи, велејќи дека „ако го затворат теснецот, повеќе нема да имаат држава“ и дека нема да се вратат дома ако се донесе таква одлука.
Тој додаде дека САД би можеле да имаат улога на „чувар“ на регионот и да учествуваат во контролата на клучниот поморски правец.
Во својата изјава, Трамп повторно се осврна и на иранската позиција во преговорите, предупредувајќи дека секое понатамошно влошување на ситуацијата би можело да доведе до нова ескалација.
Во меѓувреме, се одржуваат преговори меѓу делегациите на САД и Иран во Швајцарија, со учество и на посредници од други земји, во обид да се намалат тензиите и да се спречи понатамошна ескалација на Блискиот Исток.
Иранските и израелските тензии во регионот остануваат високи, додека двете страни продолжуваат со меѓусебни обвинувања и воени активности во поширокиот регион.




