Не ми пречи што постојат партии што се претставуваат како радикални. Проблем е што не постојат доволно партии што се претставуваат како разумни, стабилни и европски левичарски. Тоа е нашата трагедија. Ентропијата ќе продолжи да не јаде се додека квази левицата не научи дека морализирањето не создава политика, дека паролите не создаваат солидарност, дека агресијата не создава правда. Се додека не разбереме дека општеството се прави со идеи што носат живот, а не со гнев што носи поделби.
Жанета Ќосе
Се почесто стојам пред едно просто, но болно прашање – кога точно дозволивме ентропијата, ова тивко, распрскано, секојдневно распаѓање, да ја проголта идејата на левицата ? Кога дозволивме зборовите „слобода“, „еднаквост“, „правда“ и „солидарност“ да станат празни рефренчиња, што ги изговараат партии кои ни по идеологија ни по практика немаат допирна точка со европската социјалдемократска традиција ?
Од едната страна ја гледам Левица, партијата што себе се претставува како новата автентична левица, како сила што наводно го „пасокизирала“ старото наследство и го презела неговото место. Но нивниот вокабулар и нивното политичко дејствување одамна се оддалечени од левичарските вредности. Нивната реторика функционира како идеолошки вулкан, изблици на гнев без визија, како „револуционерност“ лишена од човечност, од емпатија, од оној коцепт на човекот како почетна и крајна точка. Како да ја помешале екстремноста со идеологија. Како да поверувале дека грубоста и агресивната поза се доказ за „автентичност“.
Од другата страна ја гледам партијата што е во власта, ЗНАМ, која се гледа себе си како социјалдемократската линија во коалицијата, која требаше да биде коректив и да го балансира „големиот брат„. Но наместо тоа, гледам јалов морализам и празно самооправдување. Наместо критичко размислување и идеолошка сериозност, гледам декоративно повикување на вредности кои не ги живее. Гледам дистанца меѓу збор и дело, меѓу јавна декларација и реална политика. Кога една партија тврди дека е „левичарска“ затоа што така се чувствува или затоа што така и е удобно пред гласачите, тоа не ја прави левица. Левицата не е етикета, левицата е одговорност.
Она што најмногу зачудува е што токму тие што се фалат дека ќе ја обноват социјалдемократската мисла и ќе ја пренесат идејата за современо солидарно општество, стануваат соучесници во неговото разнебитување. Наместо економска демократија, гледам формално управување без суштина. Наместо синдикални слободи, слушам тишина. Наместо поткрепа за жените во политиката, гледам минимализам. Наместо активна заштита на малцинствата, слушам општи фрази. Наместо перспектива за младите и достоинство за старите, гледам мерки без срце.
А левицата, вистинската левица, не почнува со голи зборови. Таа почнува со разбирање дека солидарноста не е хуманитарна епизода, туку архитектура на општеството. Дека културната политика не е луксуз, туку темел на современиот живот. Дека социјалната политика мора да биде севкупна и праведна, дека здравството мора да биде пристапно, дека образованието мора да ја штити иднината. Дека демократијата не е машинeриja на бројки, туку начин на живеење преку дијалог, доверба, јавна одговорност.
Европа одамна влезе во она што Гиденс го нарече „растворање на консензусот за благосостојба“. Политиката престана да инспирира, лидерите престанаа да водат. И затоа сега сме сведоци на две паралелни ентропии, едната е идеолошка, другата морална. Првата ги разјадува нашите вредности, втората ги разјадува нашите партии на квази левицата. Квазилевичарските формации кај нас одамна не ја водат битката за слобода, туку за наратив. Не се борат за еднаквост, туку за звучност. Не за правда, туку за позиција. И токму затоа најсилната криза денес не е економска, туку политичка и меѓу нив немаме субјект кој е способен да ја носи етичката тежина на левицата.
Но, се уште верувам дека социјалдемократијата не е мртва, туку постои обид да се замолчи. Таа чека да ја воскреснеме во себе, со мали, но упорни дела. Со барање за здрав образовен систем, со учество во локалните заедници, со поддршка за синдикатите, со почит за различните. Со грижа за природата, со борба против насилството и дискриминацијата. Со нова економска визија што го става човекот, а не партијата, и не лидерот, во центарот.
Не ми пречи што постојат партии што се претставуваат како радикални. Проблем е што не постојат доволно партии што се претставуваат како разумни, стабилни и европски левичарски. Тоа е нашата трагедија. Ентропијата ќе продолжи да не јаде се додека квази левицата не научи дека морализирањето не создава политика, дека паролите не создаваат солидарност, дека агресијата не создава правда. Се додека не разбереме дека општеството се прави со идеи што носат живот, а не со гнев што носи поделби. Можеби токму затоа денес, повеќе од кога било, ни треба она што Гиденс го нарече „демократизација на демократијата“, враќање на смислата, на разговорот, на емпатијата, на човекот како почетна и крајна точка. Без тоа, левицата е само збор, напуштена куќа во која одѕвонуваат ехоата од минатото. А јас одбивам да престанам да верувам дека е можна онаа друга левица, храбра, човечна, праведна, европска. Левица што не се храни со ентропија, туку со надеж.
И токму тука, кога го поставувам прашањето што навистина значи левица во 21 век, се враќам на Гиденс и неговата идеја за левиот, социјалдемократски пат, но не како празна формула, туку како концепт на модерна, европска, социјалдемократска политика што ги интегрира слободата, еднаквоста и солидарноста во нови општествени услови. Според таа теорија, левицата мора да биде мост меѓу традицијата и иднината, меѓу економското рационално и социјалното праведно, меѓу индивидуалната слобода и општествената одговорност. И ако некоја политичка сила кај нас се приближува до таа дефиниција, тоа е СДСМ, со сите свои слабости, падови и грешки, но со јасно идеолошко наследство, европски референции и вредносна архитектура што се потпира на човекот, правото, демократијата, солидарноста и општествената еднаквост. Во време кога квази левичарите нудат гнев наместо политика, а модерната левица е неопходна повеќе од кога било, СДСМ останува најблиску до она што Гиденс го нарекува „прогресивен центар на левицата“, левица што не се плаши од иднината, туку се обидува да ја обликува.
(авторката е доктор на комуниколошки науки)

