Самитот на Европската народна партија (ЕПП) заврши во четврток со едногласно усвојување на декларација „Новиот раст и создавање на нови работни места за Европа”.
На самитот учествуваа шефови на држави и влади од земјите членки на ЕУ и другите европски држави, меѓу кои и македонскиот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Во усвоената декларација посебно се нагласува потребата од стимулирање на економскиот развој и создавање на нови работни места за младите.
„Треба да се охрабрат младите преприемачи при основањето на нови компании, а со тоа е поврзана и потребата од подобро образование за идните генерации, подобра координација на образовниот систем и берзата на трудот, како и поголеми вложувања во истражувањата и иновациите”, се истакнува во декларацијата.
За решавање на проблемот со невработеноста на младите, потребни се итни акции и практични мерки, изјави на прес конференција претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо, додавајќи дека ЕУ и Европската инвестициска банка обезбедиле шест милијарди евра за вработување на младите.
ЕПП е најголемата политичка групација во Европскиот парламент и собира 74 европски партии на десницата во својство на полноправни и придружни членки, како и посматрачи.
Што се однесува до Македонија до невработеноста, овонеделниот извештај на Светска банка ја нотира огромната невработеност во Македонија- 53 проценти од младите во Македонија меѓу 15 до 24 години се невработени. Македонија како и целиот регион не креира работни места доволно брзо за да ги прифати новите учесници во работната сила. Состојбата со работните места е полоша од тоа што бројките на невработеност покажуваат, бидејќи многумина заминуваат од регионот за да работат на друго место, се вели во извештајот.