Европската комисија предложи зголемување на царините за увоз во ЕУ на житни култури, маслодајни семиња и производи од нив од Русија и Белорусија, меѓу останатото и за пченица, пченка и сончоглед, со цел да го ограничат нивниот пласман на европскиот пазар.
Според ЕК, со ваквите мерки ќе се спречи дестабилизација на европскиот пазар со значителен пласман на руските житни производи и на нелегално присвоеното жито произведено на окупираните територии во Украина, а во исто време ќе се оневозможи Русија да ги користи приходите од таквиот извоз во ЕУ.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен оцени дека царините се воведуваат за да се ублажи растечкиот ризик за пазарот и земјоделците во ЕУ.
Тие ќе го намалат капацитетот на Русија да ја искористува ЕУ за нејзината воена машинерија. Со ова опстојуваме на нашата посветеност за зачувување на глобалната безбедност на храната, особено за земјите во развој, изјави Фон дер Лајен.
Таа оцени дека со царините ќе се воспостави баланс меѓу поддршката за европската економија и за земјоделските заедници во ЕУ, а во исто време се изразува непопустлива поддршка на Унијата за Украина.
Со вклучување на Белорусија во новата мерка, ЕУ ќе ја спречи Русија да ја користи за да ги заобиколи новите царини и да ги канализира своите стоки на пазарот на Унијата, нагласува Комисијата.

