Мицкоски и олигархијата се спротивставени на преговорите за членство во ЕУ бидејќи тие значат мониторинг и на владеењето на правото и на борбата со корупцијата.
Ако Мицкоски ден потоа нема „подобар предлог“ – СДСМ и ДУИ заедно имаат доволно пратеници да ги предложат амандманите на Уставот и да бидат предводници на процесот или соучесници на застојот.
Ивон Величковски
Проблематизирањето на Преговарачката рамка со која се печатира европската припадност на нацијата на Северна Македонија заедно со трите договори: Рамковниот низ Уставот, Преспанскиот со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија.
Затоа опозицијата треба да даде рок, за Движењето за нова република тоа е 15 јануари 2025.
Ако Мицкоски ден потоа нема „подобар предлог“ – СДСМ и ДУИ заедно имаат доволно пратеници да ги предложат амандманите на Уставот и да бидат предводници на процесот или соучесници на застојот.
Опозицијата да го предложи Законот за примена на рестриктивните мерки до 1 февруари 2025. Потоа обвинителството ќе постапува полесно по допрен глас за сите.
И, секако, заеднички да се спротивстави на административните форми на поништување на стекнатите права на заедниците, вклучително низ Законот за јазиците.
За мене, за Движењето за нова република и за нацијата воопшто, видливо е дека владата нема вистинска определба за евроинтеграции и владеење на правото.
Имено, преговорите и Преговарачката рамка што стартуваат токму со областа Владеење на правото и Поглавјето 24 се основната причина зошто ВМРО-ДПМНЕ сосе нивната коалиција е спротивставена на отворањето на Преговорите.
Конкретно, бидејќи со почетокот на преговорите:
– Европскиот мониторинг и стандарди во правосудството се во поддршка на владеењето на правото и мерливата борба против корупцијата, а не на партизирањето на правосудството;
– Ова заедно со јасните процедури и цивилниот мониторинг над службите – ги „кине“ создадените врски на олигархијата за контрола на јавните буџетски средства преку партиите;
– А штом олигархијата создадена на југословенско-советска тајкунска основа ја губи одлучувачката позиција во системот – таа ги губи економска и финансиска моќ и не може да биде „мек покровител“ на малигните влијанија.
Во однос на „црните листи“ за сите наведени во нив– Основното јавно обвинителство треба да формира предмети и обвиненија по допрен глас, а не да биде „некому мајка, некому маќеа“.
Ова објаснува зошто е вознемирениот тон во изјавите на премиерот и министерот за надворешни пред одењето за Брисел. Нивните изјави се само неуспешно покритие за обидот Северна Македонија и натаму да води борба против замислен противник и на непостоечки теми:
Преговарачката рамка ги отстрани идентитетските прашања од преговарачкиот процес на Северна Македонија за полноправно членство во ЕУ. Тоа што ни беше потребно – Брисел го испорача преку Париз.
Но, Преговарачката рамка не отстранува вето од било која земја-членка кон било кој кандидат што не исполнува стандарди на ЕУ по поглавјата – од Владеење на правото, преку усогласеност со европската надворешна политика, до екологија.
Владеењето на правото значи и еднаквост на граѓаните пред законот и владеење на правото, како и предвидлива и пресметлива легеслатива – за борба со корупцијата, независност на судството, заклучно со дефинирање на немнозинските заедници согласно уставниот модел што самите го имаме избрано и почитување на личните и колективните права на граѓаните.
Всушност, целината на нацијата на Северна Македонија на рамноправни личности и колективитети, гарантирана со Рамковниот договор, неспорна со Преспанскиот со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија е запечатена со Преговарачката рамка.
Токму нацијата на Северна Македонија запечатена со Преговарачката рамка – е спротивставена на концептот на олигархијата за македонско етно-партиско единство во која премолчаната коалиција на партиите кај Македонците ќе бара обичен следбеник и соизвршител во партиите на Албанците.
Сублимирано, непридржувањето до нашите државни обврски и декларирани национални цели е основно средство за преживување и за власта така и за олигархијата.
Од оваа призма, целта на одлагање на продолжувањето на преговорите на Северна Македонија за полноправно членство во ЕУ е Скопје да зависи од расплетот на политичката динамика во Белград.
Како и од обидите Србија да ја задржи економската, политичката и културолошката доминација над просторот што Меморандумот на Сесрпскиот собор го исцртува во рамки на дефиницијата на некои српски политичари за „српски свет“: Србија, Црна Гора, делови од Косово и Босна и Херцеговина и коридор во Северна Македонија.
Оттука потребата на премиерот и министерот за надворешни работи со изјавите викендов сопствената саботажа на продолжувањето на преговорите да ја проектираат како европска неправда врз Северна Македонија и Балканот.
Преговарачката рамка со јасен редослед на чекори и извесна временска проекција е патоказот на Брисел и на Вашингтон испорачан под покровителството на Париз – како Северна Македонија да биде дел од европска економска и политичка заедница, а не од српскиот свет и како да биде дел од заедничката безбедносна и одбранбена политика во НАТО и ЕУ, а не прокси територија за малигни влијанија на Русија.
Затоа, Преговарачката рамка е спротивставена на политиката на Владата на Мицкоски и олигархијата – Северна Македонија само во „Отворен Балкан“ и ни чекор натаму.
Оттука, денес како нација се судираме со партијата која има за цел да попречи Северна Македонија да го заземе своето место на природен контрибутор на своите партнери и сојузници:
– како дел од транспортно-логистичкиот коридор на источното крило на НАТО од Италија до Црното Море и
– во заедничката надворешна и одбранбена политика кон Источниот Медитеран.
Со својата политика Мицкоски ја става Северна Македонија во зависност од внатрешното општествено триење во Србија, од две можни причини: поради незнаење или поради задача. Се надевам дека е првата причина.
Во вакви околности, Северна Македонија ќе остане противречна на процесите кои изминатите две години создадоа релативно нова контура на Балканот, тргнувајќи од усогласувањето на турската и грчката политика по значајни прашања токму во регионот на Источниот Медитеран, преку дискретната улога на Словенија, Хрватска, Бугарија и Грција во туркањето на регионот кон ЕУ, заклучно со отвореното справување со руското влијание во изборните процеси во Молдова и последно во Романија.
Но, ова не значи дека нема што да се стори. Напротив. Според Движењето за нова република, опозицијата има две основни задачи:
- Да постави рок до кога Мицкоски може да го изложи „подобриот предлог“ за продолжување на преговорите со ЕУ.
За Движењето за нова република, тоа е 15 јануари 2025 година – еден месец од денес. Доколку Мицкоски не го соопшти „подобриот предлог“ – да ги предложи дополнувањата на Уставот, кога веќе Владата тоа не сака да го стори. СДСМ и ДУИ имаат доволно пратеници за да ги предложат уставните амандмани.
- Да ги предложи дополнувањата на Законот за примена на рестриктивни мерки, со кои ќе се уреди замрзнувањето на имотот веднаш и конфискацијата на имотот по правосилна пресуда за означените лица од Северна Македонија на европските, американските, канадските и британските црни листи.
– Паралелно, сите опозициски партии и групации да декларираат подготвеност за постојан ветинг од политиката преку правосудството и безбедносните органи до медиумите – и да пристапиме кон изработка на законско решение што опозициските пратеници ќе го поднесат во Собранието– до 1 февруари 2025..
- Сите опозициски групации без оглед на етничкиот предзнак да се спротивстават на административните мерки наменети кон укинување на стекнатите права на граѓаните, вклучително на оспорувањето на Законот за јазиците – како основа за одржување на граѓанскиот дух на Уставот и на концептот на нацијата на рамноправни граѓани со свои колективни идентитети, кој го гарантира Рамковниот договор.
Од Фејсбук ѕидот на авторот