Во првите два месеци од 2016 година, еврокомесарите потрошиле близу 500.000 евра за 261 официјалени патувања, покажува анализата на белгискиот магазин Knack и објавена денеска.
Според податоците што ги пренесува и Политико, посетата на Баку, Азербејџан на еврокомесарката за надворешна политика Федерика Могерини која чинела 75.000 евра е најскапото патување.
Иако се наведува дека трошоците за патување и престој биле прилично скромни, тие главно се зголемувале кога комесарите користеле чартер авиони – како што е случајот со Баку. Европската комисија вели дека таквите “давачки” можат да се користат кога терминот за патување на комесарот не може да се усогласи со тајмингот на комерцијалните летови.
Меѓу другите скапи патувања се посочуваат дводневна посета на претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер на Рим во февруари 2016 година, која чинела 27.000 евра и посетата на серија земји, вклучувајќи ги Сомалија и Турција на Христос Стилианидес, комесарот за хуманитарна помош, која чинела вкупно 11.000 евра.
Политико пишува дека ова се првите трошоци од ваков вид и обем што треба да бидат објавени, но дека Комисијата се обидела да спречи тие да бидат обелоденети.
Документите за патни трошоци ги побара шпанската невладина организација Access Info, која потроши три години во убедување и натегање со Европската комисија за тоа колку документи може да добие на увид. Невладината и натаму упорна бара документи колку се трошело и за други временски периоди.
-Ние само ги бараме основните информации за тоа како Комисијата користи јавни средства. Секој даночен бврзник има право да знае како се трошат парите, вели Хелен Дарбишир, директор на Access Info Europe.
Објаснувањето на Комисијата зошто смета дека објавувањето на овие податоци е непотребно е дека ќе создаде “прекумерно административно оптоварување”, а ЕУ ионака веќе е “една од најконтролираните организации во светот”, бидејќи мора своите трошоци да ги даде на отчет во Европскиот парламент и во Европскиот суд на ревизори.
Гинтер Отингер, сега комесар за буџет, минатата година беше критикуван поради тоа што во Будимпешта, на покана на унгарскиот премиер Виктор Орбан отпатува со приватен авион, во сопственост на Клаус Манголд, проруски германски бизнисмен и лобист.


