Фенербахче се избламира во Виторија, Шпанија и не личеше на тим со амбиции за напад на тронот во кошаркарската Евролига. Басконија го совлада турскиот состав од Истанбул со 86:52 (14:11, 27:13, 26:16, 19:12). Ларкин, Барњани и Фојтман уфрија по 13 поени, Блажич постигна 11 за домашната екипа. Кај гостинската, во отсуство на играч со двоцифрен број кошеви, најефикасен беше Слукас со 9.
Во бледата партија на Фенербахче се вклопи и Перо Антиќ. Македонскиот интернационалец одигра 10 минути пришто забележа четири коша (1/3 за тројка и 1/2 слободни фрлања) и впиша еден скок.
Победи на домашните екипи и во преостанатите два меча со кои се комплетира шестата рунда во натпреварувањето. Галатасарај славеше над Олимпијакос со 89:87 за прва победа во сезоната, ЦСКА во Москва подобра во дербито со Реал Мадрид со 91:90 за шести триумф во шестиот настап во Евролигата во оваа сезона.