Нема никакво оправдување за она што деновиве се случува во македонското Собрание и спречувањето на назначување на нов претседател на оваа институција, соопштија вечерва европските пратеници Едвард Кукан, Кнут Флекештајн и Иво Вајгл.
„Не можеме да видиме оправдување за тактиката на одлагање во Собранието со која се отежнува изборот на нов спикер и формирањето на нова влада. Како членови на Европскиот парламент кој ги поддржуваше сите напори за надминување на актуелната криза и кој работеше напорно за поддршка на европската перспектива на македонскиот народ, гледаме со длабока загриженост дека кризата се пролонгира прекумерно со растечки последици за земјата, вклучувајќи и влошување на меѓуетничките односи“, се вели во заедничката изјава на тројцата европратеници.
Европскиот парламент требаше уште во март да ја изгласа новата парламентарна Резолуција за Македонија. Но поради заострувањето на политичката криза во нашата земја, гласањето беше одложено за денес, 5 април. Пратениците, и особено Словенецот Иво Вајглм автор на Резолуцијата, побара одлагање на гласањето и дебатата за Македонија во надеж дека во меѓувреме земјата ќе добие влада и нема да биде предмет на остри критики на парламентарната европска дебата која се одржува вечерва во Стразбург.

