Министерот за здравство Венко Филипче ги демантираше наводите дека има каков било скандал околу набавката на кинеските вакцини што денеска ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“. Во изјава за Канал 5 тој денеска потврди дека бил сменет каналот за набавка на вакцините од Кина откако кинеското Министерство за надворешни работи им укажало на македонските власти дека треба да се следи друг канал за набавка.
„Апсолутно демантирам дека тоа е скандал или било што друго. Мислам дека е сериозен доказ дека се обидуваме апсолутно по сите канали да стигнеме до вакцините. Во однос на конкретниот случај после добиените дозволи од кинеското Министерство за здравство укажаа од кинеското Министерство за надворешни работи дека треба да се следи друг канал за набавка и тоа го послушавме и го направивме и затоа сега на некој начин се одолговлече тој процес, затоа се врати уплатата“, изјави Филипче.