Забрана на големи семејни собири и прослави во домови, во еден стан или куќа најмногу ќе може да има 4 луѓе. Забрането е групирање по 22 часот на повеќе од четири лица. Задолжително носење маски секаде, на отворен и затворен простор, се дел од мерките кои на денешната прес-конференција ги најави министерот за здравство, Венко Филипче, со оглед на зголемениот број на новозаразени лица од Ковид-19 во Македонија.
Ова се мерките:
– Забрана за групирање во домовите на семејни прослави, слави и други собири во групи. Во едно живеалиште може да се примат најмногу четири луѓе. На семеен настан може да бидат сите кои се со живеалиште на таа адреса, плус најмногу четворица други.
– Се забранува групирање на јавен простор после 22:00 часот на повеќе од четири луѓе. Забрануваме групирање по паркови, безниски пумпи или било каде на отворено на поголема група граѓани
– Задолжително носење на маски или заштитна опрема (бандана, шал или друг вид прекривка на носот и устата), секаде при престој на отворено, затворено во било кои јавни објекти, на работно место, и во јавен и приватен транспорт. Исклучок е при спортување на отворен простор и на затворено со почитување на протоколите за заштита, при транспорт во приватно моторно возило ако сите лица во возилото се од едно семејство или живеат во заедничко домаќинство. При седење во угостителски објект со почитување на протоколите за дистанца и дезинфекција, престој во службени простории – канцеларија ако лицето е само во просторијата. Исклучок од задолжително носење на маска имаат и децата до 6 години, односно до претшколска возраст.
На денешниот прес Филипче изјави и дека не се исклучуваат нови препораки , како ограничување на движењето (полициски час) или ограничување на работното време на угостителските објекти, доколку се наметне таква потреба во наредниот период. Како што рече, тоа не мора да биде на целата територија на државата, туку може да се направи и на локално ниво.