Министерот за здравство, Венко Филипче преку својот фејсбук профил изрази благодарност за донацијата од премиерот Заев во Фондот за справување со Ковид кризата, вредна 12.500 евра.
Имено, истата произлегува од наградата која премиерот Заев ја доби со грчкиот премиер Алексис Ципрас во рамки на Хесенската мировна награда.
„Во свое лично име, во име на Министерството за здравство и сите оние кои се на првата линија во борбата со Ковид-19, упатувам благодарност до премиерот Зоран Заев за неговото лично учество во оваа заедничка акција.
Премиерот, својот дел од Хесенската мировна награда која ја добија со поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас во висина од 12.500 евра, ја донираше во солидарниот фонд за справување со Ковид-19.
Огромен број заедници, компании, но и индивидуалци се приклучија преку оваа иницијатива во заедничкото справување со планетарната криза.
Солидарноста е клучна во периодот кој следува и нашето општество мора да функционира како едно“, се вели во фејсбук објавата на министерот Филипче.