Земјиштето на поранешната касарна „Илинден“, кое се наоѓа во непосредна близина на новата Американска амбасада, ќе биде територијата на која ќе се основа слободната финансиска зона, објави вчера телевизија „Алфа“.
Проектот слободна економска зона ќе биде возможен откако пратениците ќе ги изгласаат уставните амандамани, а тоа најверојатно ќе се случи бидејќи вчера, ДУИ излезе со соопштение дека нејзините народни избраници ќе ги аминуваат уставните промени и дека ќе го овозможат двотретинското мнозинство за промена на највисокиот државен акт.
Премиерот Никола Груевски, во емисијата „Јади бурек“ во петокот вечерта објасни за каква зона станува збор.
– Нашата идеја е да направиме една меѓународна финансиска зона во сред град, во Скопје. Тоа ќе канцеларии, во некои 10 до 20 хектати бидат згради и канцеларии во коишто ќе привлечеме да дојдат меѓународни финансиски институции како банки, осигурителни друштва, инвестициони фондови кои ќе ги отворат тука нивните канцларии. Две работи треба да им бидат сериозен магнет. Едната е во зоната да важат закони коишто важат во најкредибилните земји каде одат финансиите. Како Англија, Луксембург, а втората е да има многу ниски даноци. Значи, поедноставно кажано – англиски закони со многу ниски закони, бидејќи во Англија има високи даноци, изјави Груевски.
Претходно вицепремиерот Зоран Ставрески рече дека зоната ќе овозможи нови работни места за македонските банкари, сметководители и правници, додека голем дел од економските екпсерти се спротиставија на идејата за слободна финансиска зона предупредувајќи дека со нејзиното формирање ќе се овозможи влез на валканиот капитал од целиот свет со што Македонија ќе стане еден вид на офшор-држава.