Автомобил од марката „рено“ денеска влета меѓу толпа луѓе пред трговски центар во Берлин, при што едно лице го загуби животот, а 30-тина се повредени.
Полицијата соопшти дека несреќата се случила околу 11 часот по локално време, кога засега неидентификуван возач на „рено“ за кој е посочено само дека е германски државјанин, „покоси“ луѓе пред трговски центар.
Тој набрзо е уапсен, а силни полициски сили за кратко време го блокираа градот, додека хеликоптери го надлетуваа местото на инцидентот. Според германските медиуми, над 60 пожарникари се ангажирани на лице место, како и голем број на екипи на Итната медицинска помош.

Повредените лица со носилки се пренесуваат со амбулантните возила, па потоа превезувани во една од болниците во градот. Едно лице го загуби животот на лице место, а телото сè уште не е подигнато од улицата.
Повеќе детали ќе бидат познати по објава на полициското соопштение. Фотографиите од лице место прикажуваат уништени столови и клупи пред трговскиот центар.

За шокантната глетка сведочи и американскиот актер, Џон Боуман кој објави снимка на Твитер.
„Мислам дека сведочевме на терористички напад овде во Берлин, но не сме сигурни. Има многу луѓе, има тела насекаде. Видовме автомобил кој излезе од патот и заврши во излог кој покрива три градски блока. Ужасно е“, твитна актерот.