Во мирна атмосфера и без инциденти вечерва се одржа и деветтиот протест против модифицираниот француски предлог за деблокирање на процесот на преговори на Македонија со Европската унија под мотото „Ултиматум – Не, благодарам“.
Демонстрантите и денеска тргнаа од пред Владата во 19 часот, но наместо покрај Министерството за правда, како што беше случај во изминатите неколку дена, ја сменија рутата и по пет дена повторно минаа крај плоштадот „Скендербег“ и Министерството за надворешни работи до крајната дестинација, пред Собранието.
Учесниците на протестот, движејќи се низ улиците во централното градско подрачје, извикуваа пароли како „оставки“ и „никогаш Северна само Македонија“.
И вечерва пред насобраните граѓани кај Собранието се обратија неколкумина говорници кои ги изнесоа своите мислења дека францускиот предлог не треба да биде прифатен, бидејќи ги загрозува националните интереси на нашата држава.
Р.Н.