Вечниот пламен во паркот Жена – Борец е изгаснат. Во подножјето на Обелискот се таложи отпад. Ова е последица на високите сметки за одржување на спомениците од проектот Скопје 2014, од кои општина Центар сака да се откаже, а Градот Скопје најави дека ќе ги прифати, но засега само декларативно.
За одржувањето на вечниот пламен во паркот „Жена-борец“ на сметката општина Центар стасува фактура од безмалку 7.000 евра, а две полнења на резерватот во период од шест месеци чини околу 3.500 евра.
Ова е само една од причините поради која уште пред една недела градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски најави дека се откажува од одржувањето на сите споменици и фонтани од проектот Скопје 2014, и досегашната обврска ќе ја префрли на градските власти.
Од кабинетот на градоначалникот Коце Трајановски тогаш соопштија дека ќе го прифатат одржувањето на спомениците и фонтаните. Но, според процедурите за оваа прашање ќе треба да се изјасни и Советот на Град Скопје.
Само за одржување на фонтаната на Александар Македонски и двете фонтани во Вардар во изминатиот годишен период се потрошени околу 145.000 евра, од кои 35.000 евра само за струја.
За одржување на сите споменици и фонтани, не вклучувајќи ги плоштадите „Пресвета Богородица“, „Карпошово востание“ и мостовите „Око“ и оној на уметноста, Општината на годишно ниво има трошок од околу 255.000 евра.