Духот на „Скопје 2014“ демне врз Карпош. Не е барок, ама е бетон. Најзелената општина во Скопје и една од последните урбанистички оази е под закана.
Фрчат тендери и огласи за изградба или отуѓување на земјишта, каде ќе никнат згради или пак нови плоштади. Голем број локации низ општината, кои повеќе од триесет години биле паркови, сега е одлучено да се претворат во бетонирани простори.
Паркот во Карпош 4 е овде откако се изградени зградите во оваа населба, во седумдесетите години. Но токму оваа година, општината сака да го претвори во плоштад.
Соседите започнаа да се организираат за да го заштитат паркот. Велат дека тие не бараат плоштад од никого и затоа не им е јасно зошто општината сака да го уништи зеленилото и да поставува бетон на ова место, кое ги штити од бучавата и прашината на Партизанска.
Јавните зелени површини ги уништуваат два паралелни процеси. Првиот со распишување тендери од страна на општината за изградба на плоштади онаму каде имало паркови. Вториот пак, се одвива со отуѓување на земјишта во сопственост на државата, кои се даваат на приватни инвеститори за да градат нови згради.
Карпош 4, Тафталиџе, Влае, кај Алумина, спроти студентскиот „Гоце Делчев“, низ целата општина… Граѓаните започнуваат свои акции за одбрана на парковите пред нивната зграда.
Кој гради во Карпош? Зошто се градат плоштади во паркови? Што вели градоначалникот Стевчо Јакимовски? Гледајте ја најновата емисија на „ЈАВНО“ на НОВА.