Руската „Синтез Група“ нема да учествува во наддавањето за грчката компанија за природен гас ДЕПА, но може да учествува во наддавањето за операторот на мрежата за природен гас ДЕСФА, извести „Синтез“ денеска, а пренесоа грчките медиуми.
– Конечната одлука дали ќе се поднесе обврзувачка понуда ќе биде донесена во блиска иднина, откако ќе се прегледаат конечните верзии на договорите со акционерите и договорот за продажба – рече компанијата денеска.
Продажбата на ДЕПА и ДЕСФА се главни компании во приватизацијата која се врши со поддршка на Европската унија, а со цел да се зајакнат финансиите на земјата и да се отплати дел од долгот.
Двете грчки компании за гас привлекоа интерес од пет различни инвеститори од Русија, Грција и Азербејџан, но останува нејасно колку од нив ќе поднесат конечни обврзувачки понуди.
Покрај „Синтез“, интерес за грчките компании за природен гас покажа и рускиот гасен гигант „Газпром“. Извршниот директор на компанијата, Алексеј Милер, ја посети Атина три пати во последните месеци. „Газпром“ снабдува најголем дел од грчкиот гас.
„Синтез“ е контролиран од страна на рускиот тајкун Леонид Лебедев. Компанијата влезе и на македонскиот пазар преку Топланата Те-То, во која поседува 80 отсто од акциите, додека скопска „Топлификација“ ги поседува останатите 20 отсто. „Синтез“, е, исто така, сопственик и на компанијата „Балкан Енерџи Груп“, која од први јануари годинава ја доби лиценцата за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија на македонскиот главен град.