Кога конформизмот носи стотици милијарди загуби, а опортунизмот станува единствен спас за малите држави
М-р Славе Младеновски, социолог
Во модерната глобална економија, воената и дипломатската реторика на лидерите на суперсилите веќе не претставува само најава за воени дејствија на терен. Многу почесто, таа е прецизно темпирана геополитичка стратегија и бизнис-модел за инстантна распределба на светското богатство. Во војната, зборовите се најмоќно орудие и оружје. Овој феномен во економијата се нарекува „пазарна манипулација преку реторика“. Преку јавно достапни показатели, анализи на однесувањето на клучните фигури и конкретни државни примери, ќе се обидеме оваа тема да ја погледнеме од различен аспект на субјектите – од социолошка перспектива и во контекст на јавното добро.
Во време кога лидерите на САД, Кина или државите од Блискиот Исток со само една усна најава успеваат за кратко време да прелеат милијарди долари од еден пазар во друг, државите членки на Европската Унија се најдоа на самиот раб на провалијата. Водењето политика од страна на Брисел, кое се сведува на свесно жртвување на сопствените економски интереси во име на трансатлантскиот конформизам, ја доведе европската индустрија во состојба на структурна деиндустријализација. Сметката што пристигна по само неколку години водење на ваква политика говори за стотици милијарди загубени евра во чист кеш. Тоа ја прави општествената реалност на секој европски граѓанин сурова, безмилосна и бесперспективна. Таа реалност, со други зборови, покажува дека во време на глобален конфликт, „слепиот“ конформизам е економски погубен, а политичкиот опортунизам – единствен начин за спас на помалите држави.
Основни индикатори на манипулацијата преку реторика
Кога клучна политичка фигура на некоја суперсила дава остра, сензационална и агресивна изјава со цел да ги промени постојните геополитички позиции, светските берзи реагираат во рок од неколку милисекунди преку три основни индикатори:
- Индексот на страв (VIX): Овој берзански индекс ја мери очекуваната нестабилност на пазарот. Изјавите на лидерите кои содржат клучни зборови како „санкции“, „тарифи“ или „воена акција“ веднаш го креваат овој индекс, предизвикувајќи панично купување или продавање на стоките.
- Геополитичка премија за ризик на енергенсите: Секоја закана насочена кон нафтените патишта или земјите производители (како Иран), автоматски внесува страв од намалување на глобалната понуда. Тоа вештачки ја крева цената на суровата нафта на берзите, пред воопшто да се случи реално физичко кратење на испораките.
- Бегство во „сигурни засолништа (Safe Havens): Заканите за глобални трговски војни веднаш го пренасочуваат капиталниот тек од ризичните акции кон златото, американскиот долар или Биткоинот. Овие средства нагло добиваат на вредност како заштита од пазарни потреси.
Бизнис-модел за екстра-профит
Американската администрација со години ја користи оваа стратегија на манипулација со информации за остварување масивни финансиски придобивки во корист на сопствената држава, а на штета на сите останати:
- Контрола на цената преку Стратешките резерви: Преку вешто менаџирање со изјавите за време на ескалациите на Блискиот Исток, САД успеваат да ја контролираат глобалната разлика во цената на нафтата. Кога пазарот доживува шок (како по нападот врз саудиските рафинерии во Абкаик), Вашингтон ги активира сопствените стратешки нафтени резерви, продавајќи нафта по историски високи цени и остварувајќи милијарди профит.
- Комерцијализација на американската војска: Ова се потврдува и преку директните изјави на американските лидери на прес-конференции: „Саудиска Арабија веќе ни плати милијарди долари за да испратиме дополнителни трупи таму. Им кажав: Вие сте многу богати, мора да платите. И тие ставија милијарди долари во банка.“ Ова е еден од првите пати во модерната историја каде војската отворено се претставува како комерцијална сила која наплаќа за „услуги за безбедност“. Од социолошка перспектива, критиката на ваквиот потег на државата мора да биде уште поостра. Во историјата е добро познато кои организации надвор од законот ги наплатуваат своите „услуги за заштита“ од малите стопанственици преку закани, уцени и изнуда. Принципот тука е речиси идентичен.
Контра-одбрана на суперсилите: Пактот Кина-Иран
Големите држави на глобалната сцена се совршено свесни за оваа стратегија, која преку реторика се обидува да оствари екстра-профити и дивиденди. Нивниот одговор е брз и соодветен – тие развиваат сопствени одбранбени механизми за неутрализирање на притисокот, со цел да изградат стратешка предност. Како илустрација дека ништо не е случајно, говори сојузот меѓу Кина и Иран:
- 25-годишен договор: Кина официјално ги игнорира американските закани за секундарни санкции и потпиша 25-годишен договор за сеопфатно стратегиско партнерство со Техеран. Неговата вредност изнесува приближно 400 милијарди долари во кинески инвестиции, во замена за стабилно и долгорочно снабдување со нафта.
- Заобиколување на доларот: За да се заштитат од моќта на американскиот финансиски систем, Кина и Иран ја поставија својата нафтена трговија надвор од доларската зона. Плаќањата се вршат во кинески јуани или преку директна компензација со стоки, технологија и изградба на иранска инфраструктура.
- Ударот врз петродоларот: Овој потег, заедно со одлуката на Саудиска Арабија да се зближи со Кина (нејзиниот најголем купувач) и да не го обнови 50-годишниот пакт со САД под истите услови на ексклузивност, му нанесе тежок долгорочен удар на американскиот петродолар. Ова суштински ја разоткрива вистината за почетокот на секој судир – борба за валутна и енергетска независност.
Во ваква ситуација, секоја фабрикувана информација и реторичка манипулација тешко може да донесе долгорочни позитивни резултати за оној што ја креирал. Напротив, најголемите последици од оваа битка меѓу глобалните геополитички субјекти ги трпат слабите и пасивни актери, кои редовно завршуваат како колатерална штета.
Европа пред провалијата: Конформизам наспроти опортунизам
Констатацијата за изминатите неколку години е следна: САД заработуваат од манипулацијата со информациите што самите ги дистрибуираат; Кина и Иран градат алтернативни економски бедеми за сопствена заштита; додека Европската Унија плаќа двојно и тројно повисока цена без моќ да се заштити. Овој геополитички потрес во вредноста на енергенсите не беше моментален, туку се одвиваше во континуитет – по принципот на постепено „варење на жаба во лонец“. Тоа ја доведе економијата на европските држави до самиот раб на пропаста. Денес, никој во ЕУ не е доволно храбар да командува „напред“, бидејќи пред нив е провалија, но ниту да нареди враќање „назад“. Во оваа ситуација, моќните европски држави преферираат да бидат конформист, додека помалите држави спас бараат во опортунизмот.
Во оваа геополитичка војна, државите од ЕУ се поделија во две јасни категории:
Политички конформизам – Свесно економско жртвување
Конформист се државите што без поговор ја следат официјалната линија на Вашингтон и на Брисел, дури и кога тоа им нанесува директни штети на нивните економски интереси. Тие бараат сигурност во колективот на сопствен трошок:
- Балтичките земји: Естонија, Летонија и Литванија применуваат екстремен конформизам спрема трансатлантската политика. Литванија влезе во остар дипломатски конфликт со Кина поради Тајван следејќи го американскиот правец, иако тоа донесе огромни економски блокади за нејзината домашна економија.
- Германија како најголема жртва: Германија со децении го градеше својот економски модел врз три столба: евтин руски гас за индустријата, масивен извоз во Кина и евтина работна сила, под безбедносниот чадор на САД (НАТО). Со почетокот на војната во Украина, Германија го избра политичкиот конформизам наместо сопствениот економски интерес:
- Енергетски шок: Ги прекина врските со Русија и го запре „Северен тек 2“, принудувајќи се да купува енормно скап течен гас (LNG) од САД и од Катар. Цената на струјата и гасот за германските фабрики трајно скокна за 100% до 150%.
- Деиндустријализација: Хемиските гиганти како што е BASF ги затворија погоните во Германија и ги преселија во САД и Кина каде што енергијата е поевтина. Земјата влезе во долгорочна економска стагнација и техничка рецесија.
- Притисок спрема Кина: Следејќи ја американската политика на „намалување на ризикот“ (de-risking), Берлин ги ограничи економските врски со Кина, што фатално го удри нејзиниот извозен сектор. Ова ја принуди гордоста на германската индустрија, авто-гигантот Volkswagen, да започне со историски првото затворање на фабрики на германско тло.
Цена на конформизмот: Економски пресметки за Германија
За да се разбере како овој конформизам ја доведе до колапс водечката европска економија, доволно е да се погледнат прецизните пресметки на водечките германски институти за загубените чисти пари на државата:
- Загуба во БДП: Според Германскиот институт за економски истражувања (DIW), вкупната акумулирана штета во загубено економско производство надмина 260 милијарди евра – пари кои германските компании никогаш не ги заработија.
- Државни трошоци за спас: Германската влада мораше да потроши 200 милијарди евра од буџетот (преку пакетот „Doppel-Wumms“) само за да ги субвенционира цените на струјата и гасот, плус дополнителни 20 милијарди евра за национализација на банкротирани енергетски компании (како Uniper).
- Отпишан капитал: Германските компании беа принудени целосно да отпишат и да загубат 25 милијарди евра директни инвестиции во Русија, додека проектот „Северен тек 2“, вреден 5 милијарди евра германски пари, лежи уништен на дното на Балтичкото Море.
- Астрономската сметка за транзиција: Поради прекинот на гасот и предвременото гасење на нуклеарните централи, Германската комора за индустрија и трговија (DIHK) проценува долгорочните трошоци за изградба на нова енергетска инфраструктура на астрономски 5,4 трилиони евра до 2049 година.
Германија веќе плати меѓу 350 и 400 милијарди евра во чист кеш само за да ја преживее оваа трансформација. Тоа се пари кои претходно одеа за истражување, развој и иновации, а сега беа потрошени само за одржување на системот во живот.
Политички опортунизам – Користење на пукнатините во системот
Опортунисти се државите што ги користат пукнатините во глобалната политика за да извлечат максимална материјална, енергетска или финансиска корист за себе, преку вешто балансирање меѓу Истокот и Западот:
- Примерот со Грција: Во екот на својата тешка финансиска криза, Грција покажа чист опортунизам, дозволувајќи ѝ на кинеската државна компанија COSCO да го преземе стратешкото пристаниште Пиреј. Брисел го гледаше ова со незадоволство, но не можеше со ништо да го спречи овој прилив на клучен капитал.
- Унгарија како најголем профитер: Будимпешта издејствува специјално изземање од санкциите на ЕУ за руската нафта, со што си обезбеди евтина енергија преку гасоводите, додека рускиот Росатом непречено ја гради нивната нова нуклеарна централа „Пакс 2“.
- Кинески инвестициски рај: Поради пријателската политика кон Пекинг, Кина ја избра Унгарија за своја главна база во Европа. Најголемиот светски производител на батерии CATL изгради мега-фабрика во Дебрецин вредна над 7 милијарди евра, а авто-гигантот BYD ја гради својата прва европска фабрика токму таму. Ова директно ги заобиколува казнените царини на ЕУ бидејќи возилата се склопуваат внатре во Унијата.
- Политички уцени во Брисел: Користејќи го правото на вето, Виктор Орбан постојано ја уценуваше Европската комисија, успевајќи да одблокира милијарди евра од ЕУ фондовите кои претходно беа замрзнати. Неговата политичка логика е едноставна: Унгарија е премногу мала држава за да ја менува глобалната политика, па затоа конфликтот меѓу големите сили е единствена можност државата економски да профитира и да си го заштити националниот интерес.
Проширен домино-ефект: Централна и Југоисточна Европа
Кога Германија претрпе сериозен удар врз сопствената конкурентност, домино-ефектот започна да дејствува молскавично врз економиите на помалите држави кои се директни индустриски сателити на Берлин:
- Словачка: Како светски лидер во производство на автомобили по глава на жител (VW, Porsche, Kia, Jaguar), падот на германскиот авто-сектор директно удри врз нивниот БДП и предизвика кратење на смените во фабриките.
- Чешка: Нејзиниот индустриски сектор е целосно врзан со Германија преку брендот Škoda и илјадници семејни фирми од машинскиот сектор (Mittelstand), кои веќе бележат остар пад.
- Словенија: Како развиена извозна економија која произведува софистицирани електронски делови за германски гиганти, Словенија се соочува со сериозно кратење на нарачките.
Директниот удар врз економијата на Македонија
Со оглед дека Германија е најголемиот трговски партнер на Македонија и дестинација за речиси 45% од вкупниот македонски извоз, кризата веќе силно се прелева во домашната економија низ неколку клучни сектори:
- Автомобилски компоненти: Намаленото производство во Германија донесе остар пад на нарачките за катализатори, електроника и кабли во македонските ТИРЗ зони (Johnson Matthey, Marquardt, Kromberg & Schubert).
- Метало преработувачка индустрија: Нагло е намален извозот на македонски челик, заварени конструкции и машински профили наменети за германските погони.
- Текстилен сектор: Македонските конфекции кои работат по принципот на „лон-производство“ се соочуваат со откажување на договорите поради падот на потрошувачката во Германија.
- Градежни материјали: Извозот на мебел, столарија и изолациски материјали е во пад поради длабоката рецесија во германскиот градежен сектор.
- ИТ сектор и автсорсинг: Германските компании прво ги кратат буџетите за надворешни софтверски услуги, што директно го намалува обемот на работа на македонските ИТ инженери.
- Земјоделство: Трпи и извозот на македонско вино, конзервирана храна и раноградинарски производи наменети за големите германски маркети.
Кога креаторите на меѓународната политика ги менуваат правилата на играта за сопствени потреби и интереси, државите лојални на системот кои практикуваат слеп конформизам (како Германија) не можат да остварат придобивки на долг рок. Големите суперсили како САД и Кина профитираат или се штитат преку прецизни стратегии, реторички манипулации и алтернативни финансиски мрежи, додека Европа ја плаќа полната берзанска цена.
Германскиот конформизам предизвика структурна деиндустријализација и реално влошување на квалитетот на животот на граѓаните. Од друга страна, унгарскиот опортунизам докажа дека една мала држава, доколку е подготвена да ги издржи политичките критики од Брисел, може материјално и економски да профитира. Преку вешто балансирање меѓу Истокот и Западот, малите држави можат да си го осигурат сопствениот економски раст и енергетска стабилност на глобалното шаховско поле, каде што суровиот економски интерес одамна го замени сојузничкиот идеализам.



