Телевизијата Норддојче Рундфунк (НДР) и весникот Зидојче цајтунг (СЗ) се повикуваат на извори во американската влада и во самата НСА според кои надзорот на поранешниот канцелар Герхард Шредер започнало најдоцна во 2002 година.
Тој бил прислушкуван од страна на разузнувачката служба НСА под бројот 388, јавуваат овие два медиуми.
Според нивните извори во владата во Вашингтон и во НСА причина за акцијата за шпионирање на Шредер било неговото „не“ за војната во Ирак, која ја планираше и во 2003. година ја започна тогашниот американски претседател Џорџ Буш помладиот. Покрај тоа во американските владини и разузнувачки кругови постоела загриженост за можно растурање на НАТО.
Според весникот Зидојче Цајтунг овие податоци се потврдуваат и преку еден документ од колекцијата на поранешниот соработник на НСА, Едвард Сноуден.