Германија, со одлука на сојузната влада, се враќа во мисијата „ЕУФОР Алтеа“ на ЕУ за стабилизација на БиХ по пауза од 10 години. Одлуката за испраќање на војници на Бундесверот во мисијата во БиХ треба да биде одобрена и од Бундестагот.
Доколку Бундестагот го одобри учеството во мисијата, што е формалност, првите 25 германски војници ќе заминат во БиХ во август. Потоа во ЕУФОР ќе бидат испратени до 50 војници, со мандат до крајот на јуни во 2023 година.
Мисијата „ЕУФОР Алтеа“ на Европската Унија има мандат да се грижи за безбедноста и да дава поддршка за почитување на Договорот од Дејтон.
Во мисијата на ЕУ моментно учествуваат околу 2.000 војници од повеќе од 20 земји, а со нив командува австрискиот генерал-мајор Антон Весели.
Многу западни земји, како и Германија, се загрижени дека БиХ може да биде дестабилизирана поради војната во Украина.