Германската канцеларка Ангела Меркел и нејзините конзервативци загубија во два од трите покраински парламенти на изборите што се одржаа вчера.
Најголемо изненадување е успехот на противмигрантската партија Алтернатива за Германија која влезе во сите три парламенти. Партијата на Меркел загуби на изборите за покраинските парламенти на Баден-Виртемберг и на Рајнланд Пфалц.
Аналитичарите толкуваат дека изборниот резултат е казна за Меркел од страна на гласачите за нејзината политика на отворени врати за бегалците, кои со над милион влегоа во Германија во 2015 година.
Демохристијаните на Меркел победија во покраината Саксонија Анхалт, но и таму антимигрантската партија успеа да се наметне, и тоа како втора политичка сила со освоени околу 21,5% од гласовите.
Ова партија во Баден-Виртемберг и во Рајнланд Пфалц освои 12,5%, односно 10%. Во Баден-Виртемберг победи партијата на Зелените, а во Рајнланд Пфалц социјалдемократите.
Вчерашните избори се тест пред парламентарните што во Германија ќе се одржат во 2017 година, и ако се одржи овој тренд значајно ќе се промени политичката карта на Германија.