Елена Гиновска од Државен завод за статистика во Студио 10 на ТВ 24 ги повика сите кои сакаат да се пријават за теренски попишувачи, условот е да бидат полнолетни, со средно образование и невработени и да имаат познавање од компјутер.
„Годинава за првпат пописот ќе се спроведува со користење на лаптопи. Попишувачите прво ќе поминат тестирање и оние кои ќе бидат избрани ќе поминат неколкудневна обука за работа на апликацијата. Очекуваме во најскоро време да се пополни број неопходен за попишувачите.“ – рече Гиновска.
Кога станува збор за попис во време на пандемија, таа истакна дека ќе бидат преземени сите мерки со цел безбедно спроведување на пописот.
„Подготвен е протокол со Комисијата за заразни болести, истиот е одобрен од комисијата и Владата. Секој попишувач ќе носи заштитна маска KN95. Заводот за статистика ќе им обезбеди на сите попишувачи маски кои задолжително ќе треба да ги стават при влегувањето во домаќинството. Попишувачите ќе треба да ги замолат членовите на домаќинството да стават маски. Бидејќи доаѓа пролетта пописот може да се одвива надвор во влез, двор… Имаме предлози од куќни совети од зградите од Скопје кои предлагаат на пример еден од членовите на советот да ги повикува станарите надвор или во влезот на зградата за да се попишат. Граѓаните да не се плашат од попишувачите, тие не се нивни непријатели“, истакна Гиновска.