Пишува: Беса Арифи, вонреден професор на Универзитетот на Југо-Источна Европа
2017 ќе се памети долго во Република Македонија. Таа е годината во која за малку ќе не снајдеше најлошото, годината кога за влакно се спасивме од поголем судир, за кој се работеше долго време и кон кој не насочуваа неодговорни политичари на кои спасувањето на сопствената кожа им беше поважно од животот на нивните поддржувачи. Ќе биде запаметен 27 Април 2017 година и долго ќе се зборува за овој датум, без разлика што некои сега се трудат да не уверат дека тој ден ништо посебно не се случи, туку едноставно, граѓаните-патриоти влегоа во Собрание. Колку лесно се сака да се заборава тоа што се случи, со каква леснотија се наоѓаат оправдувања за најтешкиот напад врз демократскиот и уставен поредок на земјата во чија суштина недвосмислено стои мирниот трансфер на власта како темелна вредност.
Ќе се паметат првите четири месеци на годината во заминување, ќе се памети тензичната атмосфера на анксиозност, кога никој не можеше да биде потполно сигурен што ќе се случи утре. Ќе се паметат долгите ноќи во кои ДУИ разговараше и разменуваше мислења во однос на петте опции кои беа на маса. Долго ќе се памети тоа чувство на несигурност и страв, таа мака кај повеќето од нас дали воопшто ќе бидеме некогаш вистинско демократско општество или не. Ќе се памети тежината во душата кога се уверивме дека изборите не менуваат се, и дека постои опасност волјата на мнозинството граѓани, без разлика на нивната етничка припадност, да се подреди на волјата на една група која сака да биде привилегирана и секогаш да го насочи правецот на движење на целата држава. Ќе се памети тој тежок почеток на годината кога не се гледаше никакво решение а проблемите се наталожуваа еден врз друг.
27 Април смени многу работи. Тоа што не те убива те прави посилен, викаат. Така не направи тој чин. Не ослободи од тоа што висеше како опасност цело време над нашата глава. Откако штетата направена беше проценета дојде време истата да се оцени. Оценувањето започна скромно, со општа одговорност за учество во толпа. Потоа истото почна да се поправи, со истраги за обид за убиство. Конечно, покренатите истраги за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста покажаа дека има надеж навистина да се воспостави одговорност за тој грозоморен чин.
Месеците после 27 Април ќе се паметат по општото чувство на слобода и позитивни надежи. Надежта се врати во земјата, дека можеме да бидеме нормални, и дека може да се вратиме на патот кон ЕУ и НАТО интеграциите и дека може да се качиме на последниот воз. Позитивни работи се кажуваа за Македонија во вториот дел на годината во заминување, дури имаше и еуфорија во однос на враќањето на ова мала држава во големата слика. Долго време европските држави не гледаа ништо ново кај нас, сега одеднаш, се случија работи кои може да не направат да бидеме сторија на успех во ЕУ.
Но за тоа ќе треба уште многу работа. Најмногу ќе треба да се увериме дека извештајот на Прибе кој го одбележа средината на оваа година, ќе биде спроведен на дисциплиниран начин. Во тој извештај меѓу другото пишува дека една форма на заробена држава не смее да биде заменета со друга. Ова е времето кога треба да се покаже дека тоа нема да се случи.
Очекувам 2018 година да биде година на напредок, година на вистинска соработка, година на поголема посветеност на реформите и на значително помали борби на суети. Власта во Македонија во минатото ги игнорираше меѓународните извештаи и нивните наоди за степенот на демократијата во земјата. Тоа не смее да продолжи да се случи, бидејќи во 2018 година веќе нема кој да биде обвинет за евентуалните неуспеси освен новата власт. Очекувам посветеност од сите страни кон прецизно спроведување на бараните реформи. За жал не сме во можност сами да ги одредиме правците на реформите, ни како експерти, ни како власт, правците на реформите се веќе одредени во двата извештаи на Прибе, а од нашите институции се очекува тие правци итно и прецизно да ги имплементираат. Се ни е нацртано, само треба да го спроведеме.
Време за губење нема. 2017 беше година на внатрешен пресврт во Македонија, година во која добивме нова влада која ја нарекуваме реформаторска и од која имаме големи очекувања. 2018 година е годината која треба да значи меѓународен пресврт за Македонија, година во која треба да настапи зачленувањето во НАТО и да се отворат преговорите со ЕУ. Одговорност на владата е да ги преземе сите чекори и сите потребни работи тоа да се случи. Одговорност на секој од нас е да помогне во тој процес. Интерес на секој граѓанин на ова земја е напредокот во овие процеси, и затоа е важно вклученоста на сите како и конструктивноста на сите субјекти.
2018 ќе биде година на големи успеси или големи неуспеси за ова држава. Ќе биде клучна година за напредокот на земјата. Тоа треба да го запамтиме, бидејќи друга шанса нема да имаме во скорешна иднина.