Голем пожар, веќе четири дена беснее во атарот на поречкото село Требовле, кое се наоѓа на 20-тина километри после Самоков. Досега од пожарот се опфатени преку 400 хектари борова шума, а огнената бура се повеќе го зема својот замав.
Оваа информација до нашата редакција пристигна заедно со фотографии.
Претседателот на месната заедница Златко Петровски вели дека по 4 дена, пожарот денеска зел најголем замав и ако наскоро не се преземе нешто, ова село во кое живеат неколку жители и има голема викенд населба, може да биде целосно уништено.
-Институциите надлежни за овој проблем, за жал не покажаа никаков интерес за соочување и решавање на проблемот, вели Петровски.
Од Дирекцијата за заштита и спасување, вчера по 13 часот биле испратени 2 мали авиони, кои не успеале да го локализираат пожарот.
Жителите стравуваат дека, ако не се интервенира, пожарот уште денеска може да се прошири и до Јасен, да уништи голем дел од природата, но во опасност се и човечки животи.
Како што велат жителите во информацијата испратена до НОВАТВ во моментов, единствено се потпираат на помошта на локалните жители и доброволци,која за жал не е доволна.
Тие апелираат до Дирекцијата за заштита и спасување да ја сфати сериозноста на проблемот и да им помогне.


