Во ургентните центри и ковид – центрите во Клиничкиот центар новогодишната ноќ поминала мирно. Споредено со минатите години имало помалку приеми: Десетина прегледи имало во Ургентниот хирушки центар и десетина на Клиниката за токсикологија, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.
„Десетина прегледи и приеми во Ургентниот хируршки центар, што споредено со 30 до 40 изминатите години е многу помалку. Десетина приеми и на Клиниката за токсикологија што на еден начин е ургентен интернистички центар, исто така многу помалку споредбено со триесетина случаи кои биле примани изминатите години. Тоа значи дека навистина се почитувале мерките, да нема прослави, да нема групирања и тоа е една голема заслуга и на граѓаните“, рече Филипче во изјава за медиумите пред Ургентниот центар во Скопје.
Во ковид- центрите, изминатата недела е забележителен тренд на идентичен број на слободни кревети – стотина на интерните клиники, само три приеми вчера и значајна бројка триесетина слободни кревети на Инфективната клиника. Според Филипче ова е исто така, знак за стабилна епидемиолошка ситуација.