Грчката влада во понеделникот поднела до парламентот предлог закон чија цел е ускратување на државните финансии за помош на екстремистичката, десничарска партија Златна зора, чие раководство беше уапсено минатиот викенд, под обвинение дека делувало како криминална организација.
Влада го предложила укинувањето помош за партии чии припадници на раководството, или барем еден од нив е уапсен или осуден за кривично дело. Грчката полиција викендот ги уапси основачите на Златна зора и пет истакнати членови, поради тензијата која се појави по убиството на 34-годишниот музичар Павлос Фисас, а за чие убиство се сомничат припадниците на Златна зора. Од десничарската партија пак категорично негираа дека се вмешани во тоа убиство.
„Демократијата не може да ги финансира своите ривали. Доколку имате криминална организација која делува во рамките на една политичка партија, мора да бидат востановени санкции кои се однесуваат на нејзиното финансирање”, изјавил шефот на грчката дипломатија, и вицепремиер Евангелос Венизелос.
Според предлог законот, финансирањето на Златна зора ќе биде укинато во зависност од исходот на судењата на нејзините припадници, односно функционери. Заменик обвинителот на Врховниот суд, Хараламбос Вурлиотис изјавил дека Златна зора е „цврсто хиерархиски поставена структура, чиј лидер е семоќен, по принципот кој го користел и Хитлер”.