Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Гробови и Ѕвезди

0
By Нова ТВ on July 26, 2015 КОЛУМНА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email


Од Дневникот на Трпе Јаковлевски, 04.08.1963. г.

Деветиот ден oд земјотресот го напушта овој град, наеднаш сегде,северно и јужно од епицентарот на пеколот. Во ист тој миг и гробиштата во Бутел имаат свој залез и свое движење,а сепак се разбрануваат пред уморните очи на залутаниот Некој. Тоа е живот на една смрт, нејзина најголема мала прикаска, поглавие на нов роман во процес, од прабабата амеба до црвите што си ги видел на вчера извадениот труп во градот – монструм за кој до вчера се врзувала сета наша љубов, сите наши утредени. Во градот сега и сенките се бели од прав. Тој е џин со ококорени мртви празни очи, куќите се мешести, накривени, препотопски птици што ветер ги нанел мртви, на мртва почва.

И не знаеш, пред денешниов залез со почнувањето на ноќта го завршуваш ли твојот дневник или го започнуваш со завршувањето на предолгиот ден. Мислиш, никогаш не си смеел да пишуваш и не си дораснал на големава несреќа. Не, сега е касно, сега никој не може да се учи да пишува, по еден голем настан нема место во животот за лаги. И го оставаш започнатиот лист. Ќе дојде ветер и ќе ја однесе таа бела птица без човечки мисли, никој не ќе се наведне по туѓо беззначајно ливче – меѓу урнатините лежат мртви и Шекспир и Толстој и Балзак. И недочитаниот Фројд, Флобер или Фокнер. А сепак пишуваш. Што! Ние сами ли ќе се определуваме или градот ќе го одбере својот хроничар? Но, ќе пишуваш и ќе падне на испит авторот на писмената задача: Катастрофа, страдања, надежи. Го повторува класот. И молчеливите минуваат во втор клас со одличен успех. Сепак, ја прелистуваш сликовницата отпечатена во еден примерок на 26. Јули во 5 и 17 часот, во еден град, за чии крај овде не станува збор бидејќи гробиштата се привиден крај. По нив ќе дојде нов почеток. Како секогаш на долгата и бескрајна врвица живот-смрт.

Гробишта, овде, на оваа генерална проба на која умираат градовите на нашата цивилизација, повторно ли ќе додадеш дека премиерата може да се одигра сегде. Овие гробишта биле мирнодопски, нови и некако големи за еден кус век, а сега се преголеми. И се сеќаваш си ги видел гробиштата во многу градови во Африка, Азија и Европа, таму кај што си минувал. Но не се ова париските гробишта Père-Lachaise, каде на Балзаковиот гроб си видел ефтино распетие а на Шопеновиот гладиоли од неговата обожувачка …. Ова се гробови некој поинакви – млади, повоени, од штотуку обработен гранит или мермер, со симболи на сваќања (петокраки и крстови), гробови на оние што сме ги нарекнувале современици. На тој спектакл денес му се придружија немогрли бригади на мртви, образувани во чинот на подмолното злосторство на подземен убиец. Биографијата на овој народ тече. Иако осекава е голема ние не можеме поинаку туку пак да сме пред плима.

Ги гледаш тие нови гробишта, црн плуг ги наредил во ленирски бразди. Едноличните бригади на вчерашниот разновиден живот испоизврзани со многуте мрежи на надежите, можеби точно, со 26-јулскиот ден во годината. Била непрекината колона на родендени. Сега се смрт во исти 15 секунди. Бригади, стројте се. Нема прозивка. Пребројувајте се: прв, втор, прв… Долги редови, слушате ли пријатели и мајки и синови, слушате ли баби, вујни, чичковци, ние сме долги безгласни редови, проскитајте низ градов и ќе видите низ урнатиниве по еден дел од нас; недовршен вез, дупната топка, венчална бурма, филателистички албум, очила, школски чанти … Сето тоа, браќа наши, никому повеќе не му е потребно, сме биле запишани, отпишете не, нас администрацијата може да не спомене во извештаи, во билтени, во статистики и сето тоа ништо не значи. Бројка сме. Името ми е – толку со голема буква и толку со голема буква. Не уби злокобничка заседа од едно легло внимателно не пренесоа во друго. Војници, работници не откопуваа не закопуваа. Нашиот бескрај е неврат.

А ти знаеш дека нив ништо не може да ги исправи пред шалтерот на службеникот кој порано те прашувал за датумот на раѓањето, за да не те праша сега за датумот на умирањето. За нив нема будилници и утрински петли, брмчење на автобуси, нема будење а во колоната на гробовите се забрцани в земја парчиња штици со имиња и презимиња кој на залутаниот гостин не му кажуваат какви соништа имал мртвиот, и колку е стар.
Доаѓа ноќта. Некој ќе се сети дека таа ноќ им припаѓа само ним, на таа бригада на чии гробови ќе сретнеш парче лубеница, шише ракија, цвеќе, детска играчка.

Сам си. Денот остава на запад румени риги. Овие гробишта си ги видел и порано и се сеќаваш дека во зајдисонце си гледал над нив треперливи јата, црни роднини на ретките планински галици. Сега нема ни луѓе ни птици. Масовната смрт што ја донесе земјотресот и тешкиот мирис (карбол претпоставуваш) ги опустеле широчиниве. Тој мирис е густ, чиниш се стврднува. Ти се чини дека случајниот гостин овде може да остарее за миг. Гледаш подземната подмолност не им го простила спокојството ни на вчерашните гробови. Мермерните плочи се разнишале, распукнале, грдост една, лежат урнати петокраки и крстови. Маркс и Господ се бессилни да ги избришат последниве девет дни и да речат:

Почни одново животу, врати се 5 секунди и да нема земјотреси. Овде кај заедничката гробница на хероите попаѓале од белите столбови едноличните торза на Димов, на Питу, на Корчагин – се учела пред тоа некоја почетничка склуптура да оживува по избледена фотографија, метални ликови. Чуден некој музеј, а овде ни стравот не пушта корени. Торзата оддалечени од лицата на поцрнети и недозакопани луѓе. И се сеќаваш, има луѓе што умираат секојдневно, на секој чекор, ретки се оние што умираат само еднаш. Овие неколкумина млади луѓе паднале во војната. Еднаш. Сега се соборени нивните споменици.
Далеку, низ една речиси зарасната суводолица се движи црвеногрба млада лисица. Не овде нема хиени, нема мршојадци – како во американските полупустини со ретки мртви тела. Животнот се распливнува во темницата. Доаѓа темна ноќ, доаѓа страшна ноќ. Добра ноќ, мртви.

Но, гледај, над гробовите небото спушта бели кандилца. Над нив се други ѕвезди и нивни роднини, други и пак други. Растела ли така земјинава кора низ столетија, од мртви, други мртви и пак други?
Темница. Ноќ. Без утови, без лилјаци, без сенки. Од тишината пука во ушите, боли се.
(Од Дневникот на Трпе Јаковлевски, 04.08.1963. г.)

Трпе Јаковслевски е роден во Скопје во 1925. Почина во родниот град 2005. Јаковлевски беше министер за култура и наука во Владата на РМ во 1963 година. 1965 заминува во Чехословачка како амбасадор на СФРЈ. По амбасадорскиот манадат до крајот на кариерата извршува повеќе високи функции во амднинистрацијата на Федерацијата.

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Собири против блокадите и контра собири се одржаа низ Србија

September 28, 2025

Времено затворен Октоберфест – не ги собира сите заинтересирани

September 28, 2025

Трамп испраќа војници во Портланд за да го заштити од Антифа

September 27, 2025

Флорида дозволи носење оружје на јавно место: маж го тестираше пред „Волмарт“

September 27, 2025

Парламентот на Словачка усвои уставен амандман со кој се признава постоењето само на два пола

September 26, 2025
ФОКУС

Локални избори 2025: Од денеска, 29-ти септември, до 17-ти октомври на полноќ, ќе трае законската изборната кампања

ВЕСТИ September 29, 2025

Локалните избори закажани за 19 октомври ќе бидат осми од независноста на државата, а четврти…

Кијив: Повеќе од 40 повредени во масовниот руски напад

September 28, 2025

Филипче: Чесноста и интегритетот на кандидатите на СДСМ ја прават разликата со ВМРО-ДПМНЕ, денес стоиме со јасна порака, ова е момент на нов почеток

September 28, 2025

Родителите на починатите во „Пулс“: Или одговори или радикализација

September 27, 2025
ТИКЕР

Собири против блокадите и контра собири се одржаа низ Србија

September 28, 2025

Времено затворен Октоберфест – не ги собира сите заинтересирани

September 28, 2025

Трамп испраќа војници во Портланд за да го заштити од Антифа

September 27, 2025

Флорида дозволи носење оружје на јавно место: маж го тестираше пред „Волмарт“

September 27, 2025

Парламентот на Словачка усвои уставен амандман со кој се признава постоењето само на два пола

September 26, 2025
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.