Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација денес изјави дека модуларната болница ќе се користи само како вакцинален пункт.
„Направени се приоритетни листи на колеги. Планот е да се почнеме со вакцинација на колегите од Инфективната клиника, потоа колегите од 8-септември, па здравствените работници од Клиничките болници и потоа со повикување на сите колеги од цела Македонија“, вели Грозданова за емисијата „Студио 10“.
Според неа, на почетокот ќе се вакцинираат 300-400 луѓе дневно.
„Фајзеровата вакцина е поспецифична затоа што стои на минус 70 степени, а потоа се раствора и аплицира“, посочува Грозданова.
Таа соопшти дека според анкетата спроведена во декември, 67 проценти од медицинските работници сакаат да се вакцинираат.